Нов рекорден дневен раст на заразени со коронавирусот во светот

Бројот на потвдените случаи на зараза со новиот сој коронавирус во светот во последното деноноќие се заголемил за 237.743 лица, што е највисокиот дневен раст на случаите на инфекција по рекордниот од 12-ти јули кога во изминатите 24 часа беа потврдени малку над 230.000 случаи на зараза.

Според последните податоци кои ги соопшти Светската здравствена организација (СЗО – WHO), со новите 237.743 заразени, вкупниот број заразени од почетокот на пандемијата до денеска во светот изнесува 13.616.593 лица.

Во последното деноноќие, исто така, се регистрирани и 5.682 смртни исходи од Covid-19, ниво кое се бележи веќе неколку седмици, со што вкупниот број смртни исходи се искачи на 585.727.

Во четвртокот беа потврдени нови 226.181 случај на зараза и 5.579 починати од коронавирусот.

Регионот на Северна и Јужна Америка и натаму е првиот според бројот заразени лица – 7.154.840. Во текот на последните 24 часа овој показател се зголемил за 137.989 новозаразени. Бројот на починати во последното деноноќие се зголемил за 3.554 или вкупно 297.855 смртни исходи.

Во Европа вкупно има 3.008.972 заразени и 205.482 починати. Во последното деноноќие пријавени се нови 21.719 случаи на зараза и 476 смртни исходи.

На третото место според бројот заразени во светот е Источно-медитеранскиот регион, каде вкупно од почетокот на пандемијата се заразени 1.346.982 лица, а потврдени се 33.281 смртни исходи од Covid-19. Во последното деноноќие бројот на заразените се зголемил за 15.089 а на починатите за 505 лица.

Најмногу заразени по земји се регистрирани во САД – 3.471.659 лица. Следуваат Бразил со 1.966.748, Индија со 1.003.832, Русија со 759.203, Перу со 337.724, Јужноафриканската Република 324.221, Чиле со 323.698, Мексико со 317.635, Велика Британија 292.556 и Иран со 267.061 заразени.