Нов скок на короназаразите во Србија, рекордни 1.817 и шест починати

Во Србија продолжува растот на дневниот број новозаразени со коронавирусот, и во последните 24 часа потврдени се рекордни 1.817 случаи на заразата со тренд на зголемување на бројот на хоспитализираните, покажуваат податоците кои во саботата ги соопшти српското министерство за здравство.

Денешната бројка заразени е нов дневен рекорд во Србија, откако во петокот беа потврдени 1.545 позитивни примероци од 11.004 тестирани. Србија најголемиот број новозаразени во првиот бран на епидемијата го имаше на 16-ти април со 445 случаи, а во вторниот бран уште на 26-ти јули регистрираше 467 новозаразени.

Во периодот меѓу два епидемиолошки пресека од петокот до саботата починале шест лица, а на ковид-одделите во болниците ширум Србија згрижени се вкупно 1.122 пациенти, од кои 51 се на респиратори.

Во Србија од почетокот на епидемијата потврдени се 46.954 случаи на инфекција со коронавирусот, а вкупниот број починати како резултат на компликациите предизвикани од заразата се зголеми на 820.

Стапката на смртност во однос на вкупниот број заразени последните денови е во пад, а во саботата изнесувал 1,75 отсто.

Од последниот пресек во петокот од 15 часот до саботата во истиот период, на коронавирусот тестиран е 9.531 примерок, а од почетокот на епидемијата направен е вкупно 1.338.631 тест.

Во петокот на болничко лекување имаше вкупно 1.048 пациенти, од кои 47 на респиратори. Најмногу хоспитализирани пациенти на дневно ниво во првиот бран имаше на 19-ти април со 3.900, а во вториот на 15-ти јули со 4.848 пациенти.

Српските власти поради епидемијата на коронавирусот вонредна состојба во земјата прогласија на 15-ти март, кога имаше 48 заразени на дневно ниво и истата вечер прогласија „затворање“. Од 18-ти март на сите граѓани до почетокот на мај им беше ограничено движењето преку ноќ од 20 до 5 часот наутро, а на повозрасните од 65 години целосно.

Во сегашната фаза од епидемијата, со многукратно повеќе новозаразени, најавена е можност за воведување построги мерки, но оцијата за повторно воведување вонредна состојба засега не се споменува, но најавени се законски прописи со кои би се вовеле казни за кршење на епидемиолошките мерки, што не беше случај досега.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.