Нов смртен случај од коронавирусот, почина жена од Дебар

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека во изминатите 24 часа се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата, како и за уште еден смртен случај поврзан со Ковид-19.

–  Почина пациентката која подолго време беше поставена на респираторна машина на Инфективната клиника. И покрај сите напори на лекарите и медицинските сестри и интензивната терапија, за жал таа денеска почина пред неколку часа. Беше на 66 годишна возраст и во историјата имаше дека прима хронична терапија за хипертензија – изјави Филипче.

Tој рече дека од новите случаи во Главниот град се 20 лица, три лица се од Куманово, во Велес има три лица, две во Прилеп и едно во Дебар, како и дека околу 10.000 лица се во самоизолација.

Пет лица вработени на Кожната клиника се позитивни на коронавирус покажале вчерашните тестирања. Досега се направени 30 теста на лицата кои имале контакт со директорката на Кожната клиника и од нив 5 се позитивни. Во следните денови ќе се направат и други тестови на лицата кои имале контакт со неа.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 177 лица од кои 1 излекуван и 3 починати пациенти.