Нов смртоносен напад на Западниот брег

Палестинец во вторникот на Западниот брег, кој меѓународната заедница го смета за палестинска територија окупирана во Израел во ткн Шестдневна војна во 1967 година, со нож убил тројца Израелци во близина на влез во индустриски парк, по што се обидел да побегне со автомобил но израелските безбедносните сили го убиле, соопштија палестински и израелски извори.

Израелските лекари ги прогласиле трите лица мртви, еден од нив 50-гидишен татко на шест деца, и известија дека лекуваат уште три други повредени лица. Палестинското министерство за здравство потврди дека загинал 18-годишен Палестинец.

Според објавата на израелската војска, напаѓачот со нож нападнал цивили на влезот во индустрискиот парк „Ariel“, кај истоимената еврејска доселеничка населба на Западниот брег. Потоа нападнал со нож други цивили на блиската бензинска станица и потоа побегнал со автомобил со кој удрил во други возила на патот, соопшти израелската војска.

Минатата седмица 15-годишен Палестинец загина во престрелка со израелските војници во Наблис, исто така, на Западниот брег, а во друг инцидент Палестинец им подлегна на повредите откако израелските сили го застрелале кај градот Џенин.

По повеќе години релативно затишје, насилството на Западниот брег последните месеци повторно порасна. Израелските сили годинава таму убиле повеќе од 100 Палестинци, повеќето од крајот на март кога израелската војска започна со сузбивањето на бранот напади од палестинските милитанти во кој изминатата година се убиени најмалку 24 лица во Израел и во еврејските населби во палестинската енклава.

Тензиите на Западниот брег се влошија последните месеци поради брзото ширење на еврејските доселенички населби и сѐ почестите рации на израелската војска во палестинските градови во енклавата.

По повод одбележувањето на палестинскиот Ден на независноста 15-ти ноември, претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, изјави дека Палестинците „нема да се согласат израелската окупација засекогаш да трае“.

„Ќе преземеме сериозни и решителни чекори за да ги заштитиме правата на нашиот народ и да ја ставиме крај на ескалацијата на окупациската војска и доселениците“, рече Абас.