Нов софистициран апарат за хеликобактер пилори за Клинички центар

Нов софистициран апарат за испитување на бактеријата хеликобактер пилори, која се смета за предизвикувач на ракот на желудник, доби Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија во Скопје. Вредноста на апаратот е три милиони денари.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, кој денеска по тој повод ја посети Клиниката, истакна дека станува збор за бактерија која се јавува кај огромен број од популацијата. Во светски рамки е некаде околу 50 проценти од популацијата, а во Македонија е нешто над таа вредност, а испитувањето за бакетеријата треба многу често да се прави.

Дијагностиката во Македонија, додаде, најчесто се правеше преку крв, некогаш и со поинвазивни методи како гастроскопија, но тие се или инвазивни методи или со помало ниво на точност. Точноста на испитувањето преку крв, рече Тодоров, е некаде до 60 проценти, а со овој апарат точноста е од 95 до 98 проценти.

– Очекуваме овој апарат да има сериозна примена во Клиниката, имајќи го предвид бројот на пацинети на кои им е потребна оваа дијагностика. Очекуваме по ставање во систем на апаратот, ваков апарат да набавиме и за другите здравствени центри во земјата бидејќи тој не може да ги покрие сите потреби за вакви испитувања, рече Тодоров.

Испитувањето на овој апарат ќе се прави откако ќе биде дијагностицирано присуството на бактеријата со други методи и била дадена терапаијата, со цел да се утврди дали терапијата била успешна.

Апаратот е веќе приклучен и во првите две недели ќе се врши негово калибрирање по што се очекува да биде ставен во функција и преку системот „Мој термина“ ќе може да се закажуваат пациенти.

Директорот на Клиниката за гастроентерохепатологија проф. др. Ненад Јоксимовиќ истакна дека новиот апарат ќе овозможи повисоко ниво на работа на Клиниката за дијагностицирање на овој вид на болни, како и за нивно следење по примената терапија.

– Единствен проблем беше во следењето по дадената тераија бидејќи со ниту еден досегашен тест не можеше да се провери дали е направена ерадикацијата или не. Овој тест ни овозможува тоа да го направиме на брз и многу едноставен и неинвазивен начин, така што ќе најде голема примена посебно кај оние пациенти кои се ризични за појава на малигни заболувања, кои се семејно оптеретени со малигни заболувања, со чести улкуси и тие што се веќе оперирани од малигно заболување или улкусна болест, рече Јоксимовиќ.

Според него, не е направена точна анализа, но во последниве години има пораст на карцином на желудник во последниве години

Хеликобактер пилори е бактерија, која главно се внесува преку уста, односно фекално-орален пат на контаминација. Може да се пренесе преку некој што е веќе заразен, преку нечисти раце и недоволно подготвена храна, конзумација храна или течност од иста чаша, односно чинии… Чисти раце се добра превенција да не дојде до оваа појава.

МИА