Нов тендер во низа за фирма донатор на СДСМ

Ако се соберат сите суми од јавно достапните договори на „Делукс ауто Куманово“ за добиени тендери од институциите, излегува дека оваа фирма од државата наплатила над 454.000 евра.

Агенцијата за стокови и резерви си купила луксузна лимузина од над 31.000 евра, а тендерот го добил фирмата „Делукс ауто Куманово“ за кои постојат докази дека се јавува како донатор на кампањата на СДСМ, објави Курир.

Договорот бил склучен пред Нова година, а вчера е објавен на сајтот за јавни набавки. Според јавните податоци на Бирото за јавни набавки, Кумановската фирма „Делукс ауто“ била прилично активна во тендерските постапки на државните институции.

 

На крајот од ланската година како единствен понудувач оваа фирма го добила тендерот за набавка на автомобил за Основниот суд во Тетово, односно продала возило во вредност од 19.000 евра.

Во септември минатата година, „Делукс ауто Куманово“ склучила договор со Државниот инспекторат за животна средина, за набавка на теренско возило во вредност од 23.000 евра и во овој случај понудата на кумновската фирма била единствена.

Сите документи за склучените договори се објавени на Бирото за јавни набавки. Дури и самото Биро за јавни набавки набавило од „Делукс ауто Куманово“, луксузен автомобил, во вредност од 32.000 евра. Според објавениот договор и во овој случај, до оваа институција стигнала сама понуда од кумановската фирма.

Според јавно достапните информации, лани „Делукс ауто Куманово“ склучила договори и со други институции, како Централниот регистар, Македонски енергетски ресурси, министерството за одбрана како и ЈП ЗА Водоснабдување Кичево.

Ако се соберат сите суми од јавно достапните договори на „Делукс ауто Куманово“ за добиени тендери од институциите, излегува дека оваа фирма од државата наплатила над 454.000 евра.

Во март лани, новинарската Балканска истражувачка репортерска мрежа БИРН, објави дека возила од „Делукс ауто Куманово“ набавило и Министерството за внатрешни работи, преку донација од 1 милион евра од Република чешка. Според  БИРН, Министерството за внатрешни работи без тендер купило дури 45 шкоди, а дополнително пишуваше дека оваа кумановската фирма се јавува како донатор на СДСМ.