Нов топлотен бран ги погоди Пиринејскиот полуостров и Франција

Помалку од еден месец по минатиот топлотен бран, живата во термометарот во понеделникот повторно се искачи на невообичаено високо ниво за овој период од годината на Пиринејскиот полуостров, каде што се измерени 42 Целзиусови степени, како и во Франција.

Сѐ почестата појава на топлотни бранови според некои стручњаци е директна последица од климатските промени, бидејќи наводно се зголемува интензитетот, траењето и зачестеноста на емисиите на гасовите коишто го предизвикуваат ефектот на стакленичка градина. Некои од научниците, пак, се понаклонети климатските промени да ги припишат на циклус во кој влегува планетата.

Во Шпанија највисоката температура од 43,3 Целзиусови степени, е измерена во Канделеда во централниот дел од земјата, соопшти шпанската метеоролошка служба Aemet. Во другите градови во централниот и јужниот дел од земјата, како Севилја и Бадахоза, измерени се 42 степени.

Овој нов топлотен бран, втор за триесеттина дена по оној во средината на јуни, е „сосема невообичаен“ во земјата каде што високите температури во текот на летата не се реткост, изјави Рубен дел Кампо, портпарол на Aemet.

Топлотниот бран започнал во неделата и би можел да потрае „девет до десет дена, со што би бил третиот најдолг топлотен бран во Шпанија од 1975 година“, додал Дел Камп за AFP.

„Климатските промени се причина на почестите и посилни топлотни бранови“, оценува Дел Кампо, потсетувајќи дека нивниот број се удвоил во Шпанија во последните дванаесет години.

Најтешки ќе бидат горештините меѓу вторникот и четврток, предупредуваат од Aemet, кога се очекува на некои места температурата да достигне и до 46 степени, но, сепак, не можат да прогнозираат дали ќе биде надминат апсолутниот температурен рекорд забележан во Шпанија од 47,4 степени измерени во Монтора близу Кордоба, во август минатата 2021 година.

Во соседната Португалија температурата во некои области се искачила на 44 степени. Иако температурата во понеделникот беше малку пониска, 42 степени, сепак, се очекува во околината на Евора, на југоистокот од земјата, наведува метеоролошката служба која најавува нов раст на температурите во вторникот и среда. Притоа се предупредува дека горештините предизвикале веќе пожари во централните области на земјата.

Топлотен бран во понеделникот ја зафати и Франција од југозападот, објави Meteo-France. Температурите на поголемиот дел од француската територија надминувале 30 Целзиусови степени, а од вторникот наместа може да достигнат и до 39 степени.

„Кулминацијата на овој бран најверојатно ќе биде меѓу сабота и вторник 19-ти јули“, смета Себастијан Леа од Meteo-France, истакнувајќи дека сѐ уште е рано овој феномен да може да се спореди со смртоносната жега која ја зафати Франција летото 2003 година.

Во Велика Британија, каде и во вторникот на југозападот се очекуваат 33 Целзиусови степени, националната метеоролошка служба издаде ткн „портокалово предупредување“ за „екстремни горештини“ од почетокот на седмицата со температури над 35 степени.