Властите на Нов Зеланд ги повикаа жителите на северниот брег да се повлечат на копно поради опасност од цунами, а Австралија исто така прогласи тревога по земјотресот со јачина од 7,7 степени што денеска го потресе Јужен Пацифик.
„Очекуваме крајбрежјето на Нов Зеланд да биде изложено на невообичаено силна струја и непредвидлив пораст на нивото на морето“, соопшти агенцијата за итни случаи.
„Секој што е на отворено море и на крајбрежје, треба да се повлече на копно и да се оддалечи од плажите, крајбрежјето, пристаништата и устијата“, додава агенцијата.
Австралиската агенција за метеорологија објави дека цунами им се заканува на островите и областите долж крајбрежјето.
Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени ги погоди островите Лојауте и Нова Каледонија во Тихиот океан, објави Американскиот геофизички институт (УСГС).
По земјотресот е издадено предупредување за цунами, соопшти пацифичкиот центар за предупредување од цунами.
USGS прво пријави земјотрес со јачина од 7,9 степени, а потоа го процени на 7,5, па на 7,7.
Епицентарот на земјотресот бил на околу 400 километри југоисточно од островите Лојауте и околу 430 километри од Вануату, според УСГС.
Нова Каледонија се наоѓа во југозападниот дел на Тихиот океан, околу 1500 км источно од Австралија.
Областа околу Нова Каледонија и соседниот Вануату е дел од Пацифичкиот огнен прстен, една од сеизмички најактивните зони на планетата.