Нов земјотрес со магнитуда 6,9 го погоди индонезискиот остров Ломбок

Земјотрес со магнитуда од 6,9 по Рихтер во неделата го погоди индонезискиот остров Ломбок, само неколку часа по потресот со магнитуда од 6,3 и две седмици по подземниот удар во кој загинаа најмалку 480 луѓе.

Епиценатарот на последниот силен земјотрес е локализиран на длабочина од 20 километри, околу 5 километри јужно од градот Белантинга, источно од Ломбок, соопшти Американскиот геофизички институт (USGG). Не е прогласена тревога поради можно цунами.

Засега нема податоци за евентуални жртви и штети по најновите потреси, кои го зафатија истото подрачје. Во земјотресот од 5-ти август, исто така, на Ломбок, покрај 480-те жртви беа уништени десетици илјади куќи, а повеќе од 350.000 луѓе уште спијат под шатори. Во последната седмица од јули Ломбок беше погоден од земјотрес со магнитуда од 6,4 степени, кој однесе 17 животи и уништи многу домови на островот.

Двата најголеми светски архипелага Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во коешто загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.