Нова бламажа за Лејкерси, Леброн си седна во публика (ВИДЕО)

Екипата на ЛА Лејкерс продолжува да се бламира и од кандидат за титула да стане предмет за потсмев, откако ноќеска загубија дури и од драстично ослабениот Портланд трејблејзерс (105-107), за кој не настапи најголемата ѕвезда, Демијан Лилард.

Кај „езерџиите“ го немаше Расел Вестбрук, а единствена светла точка беше Леброн Џејмс, кој средбата ја заврши со 30 поени. Неговата пожртвуваност не беше спорна, а во еден момент доби силен удар во главата, па принудно седна во публика и тоа врз навивачот чие столче сакаше да го преземе. Најдобар кај „пионерите“ беше Симонс со 29 поени.

Кошаркарите на Јута џез ставија крај на победничката низа од девет средби на Голден стејт вориорс (111-85), користејќи го отсуството на Клеј Томпсон и Дрејмонд Грин во противничката екипа. Стеф Кари не можеше сам против расположените „џезери“, кои на доминантен начин го одбранија домашниот терен. Бојан Богдановиќ беше прво име кај домаќинот со 23 поени.

Кливленд кавалирс покажа дека не се шегува оваа сезона и рутински го среди Сан Антонио спарс (105-92). Клучната разлика беше направена во вториот период, кој домашниот тим го доби со двоцифрена позитива. Сакраменто ја победи Минесота (132-119), Чикаго беше подобар од Шарлот (121-109), а Торонто немаше проблеми кај Оклахома Сити (117-98).