Нова блокада за Русите, повеќе не можат да преземаат Windows 10 и Windows 11

Корисниците во Русија повеќе не можат да преземаат Windows 10 и Windows 11, како и алатки за инсталирање на најпопуларниот оперативен систем. Корисниците беа збунети, а компанијата не одговори на барањата на медиумите за коментар.
Руската новинска агенција ТАСС беше првата што извести за проблемот во текот на викендот, а веста брзо се прошири на Твитер.
Користејќи VPN, BleepingComputer потврди дека руските корисници добиваат грешка при обидот да преземат Windows 10 или Windows 11: „404 – Датотеката не е пронајдена“ или „Директориумот не е пронајден“.
Алатката за создавање медиуми, алатка за инсталирање оперативен систем, може да се преземе, но не работи. Грешката 0x80072F8F-0x20000 се појавува при стартување на програмата со пораката „Оваа алатка не може да се изврши на вашиот компјутер од непознати причини“.
Сè уште не е јасно дали се работи за техничка грешка или Microsoft намерно ги блокира преземањата. Компанијата официјално не се огласи по тоа прашање.
Поради руската инвазија на Украина, Мајкрософт ја прекина продажбата во земјата во март, а се повлекоа и голем број услуги. Покрај тоа, компанијата спречи руски сајбер напади врз Украина со конфискување на домени.

Претседателот на Мајкрософт на својот блог напиша дека компанијата „тесно се координира со одлуките на владите на Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство“ и дека поради тоа ќе запре многу аспекти од својот бизнис во Русија.
Во април, GitHub во сопственост на Мајкрософт, почна да ги суспендира програмерските сметки поврзани со санкционирани руски компании, дури и ако корисниците повеќе не работат за компании (на пр., Github сметка на Sberbbank, Alfa Bank, итн.). Мајкрософт неодамна објави дека отпушта 400 вработени во Русија бидејќи почнале да ги намалуваат операциите во земјата.
Сепак, покрај сето тоа, компанијата најави дека ќе продолжи со договорните обврски со руските корисници, со што блокирањето на инсталационите датотеки на Windows е неочекувано.
Не сите корисници кои се физички во Русија можат да преземаат Windows, меѓутоа, според тестовите, ограничувањата може да се заобиколат со VPN.
Иако Русија делумно ја ограничува употребата на VPN во земјата, Роскомсвобода – организацијата на земјата за заштита на дигиталните права – објави дека, иако владата се противи на употребата на VPN, нема да ги казни оние што ги користат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.