Нова демократија води во излезните анкети на грчките парламентарни избори

Владејачката грчка конзервативна партија Нова демократија води на изборите во недела, според резултатите од излезните анкети, но се чини дека нема да успее да го освои апсолутното мнозинство потребно за формирање влада.

Доколку анкетите бидат потврдени од изборните резултати, длабоко поделените политички партии во Грција ќе имаат девет дена да најдат партнери за формирање на владејачката коалиција или новите избори би биле распишани за околу еден месец.

Излезните анкети на шест големи агенции за испитување на јавното мнение наведуваат дека Нова демократија освоила меѓу 36 и 40 отсто од гласовите, а следи левата коалиција СИРИЗА со 25 до 29 отсто гласови.

За да се формира влада, на една партија ѝ се потребни повеќе од 45 отсто гласови за да има мнозинство во парламентот со 300 мандати. Меѓутоа, таков исход не е виден во Грција од убедливата победа на покојниот социјалист Андреас Папандреу во 1980-те и раните 1990-ти години.

Кризата на животните трошоци доминираше во предизборната кампањата, при што партиите се обидуваа да ги придобијат гласачите со ветувања дека ќе ја зголемат минималната плата и ќе отворат работни места. Растот на цените длабоко ги погоди Грците, чиј животен стандард е нарушен и со долгорочната должничка криза. Грција речиси излезе од еврозоната во екот на должничката криза во 2015 година.

„Денеска одговорноста за владата на земјата е префрлена на вас, народот, но сигурен сум дека утре ќе осамне уште подобар ден за нашата земја“, изјави Мицотакис ѐа новинарите претходно во неделата откако гласаше.

Сепак, јавноста е огорчена од неговата влада по тешката железничката несреќа на 28-ми февруари во која загинаа 57 луѓе, како и со скандалот со прислушувањата на политичари.