Нова: Филипче ќе бара приватна фирма за брзата помош, експерите со резерва

Приватниот сектор да ја финансира и да стопанисува со Итната медицинска помош и Домашната посета. Преку јавно приватно партнерство Министерството за здравство се обидува да ја поправи лошата состојбата во која се наоѓаат овие две служби. Огласот во Бирото за јавни набавки за изработка на физибилити студија е објавен пред неколку дена, а прибирањето на понуди е до 14 ноември.

Во Министерството за здравство ваквиот потег го објаснуваат со фактот дека јавното здравство во последните години покажало слаби резултати во менаџирањето во делот на Итната медицинска помош.

 Во моментот бараме начини како да ја подобриме ситуацијата. Конкретно моделот на јавно приватно партнерство за брза помош функционира во Италија. Од тие причини решивме да направиме физибилити студија за да ги испитаме можностите ја ЈПП во брзата помош во Македонија. Физибилити студијата ќе покаже дали ќе биде тој модел можен и кај нас“, велат за  НОВА од кабинетот на министерот Филипче.

Моделот на јавно приватно партнерство  функционира со поголем интензитет во последните 20 години  во развиените, но и во земјите во развој и е одраз на политиката на јавната власт, односно на реформите што власта има намера да ги спроведе за да обезбеди подобри јавни услуги.

Јавното приватно партнерство е долготраен процес кој може да трае дури и до 30 години за да може приватникот да си ги врати вложените средства и да оствари профит.

Според експертите, профитот е единствениот мотив на приватниот партнер за влез во јавно приватно партнерство.

Финансирањето на проектот е делумно од приватниот сектор и погрешно е мислењето дека концесионерот вложува сопствен капитал бидејќи неговото учество во најголем број случаи се движи меѓу 10 и 20 отсто, вели Лилјана Јоноски, магистер по деловно право чија магистратура е токму на тема, а има доста пишувано за оваа проблематик.

Јоноски за НОВА вели дека во јавното здравство ваков вид на партнерство може да биде меч со две острици бидејќи станува збор за круцијален сегмент од здравството, а ризикот е голем особено ако станува збор за ново формирани фирми за таа цел, за што сме сведоци во последно време.

 Влогот е преголем бидејќи јавното приватно партнерство не е секогаш избор за сите сегменти, а колку да се оди со ваков пристап во Брзата помош е меч со две острици. Секако многу ќе зависи и од тоа кој ќе биде партнерот, односно фирмата, колку е сериозна и дали постои ризик од потфрлање во ваква деликатна област, изјави за НОВА, Лилјана Јоноски.

Таа потенцира дека иако постојат многу позитивни примери на реализација на крупни инфраструктурни проекти преку моделот на ЈПП, неговото користење не може да се смета како солуција за се и за сите проекти.

 Постојат и многу пропаднати проекти што се реализирале како ЈПП. Затоа, од суштинско значење е јавниот сектор јасно да ги идентификува факторите што го чинат проектот оправдан за финансирање од приватниот сектор“, вели Јонoски.

Лекарите се збунети и не знаат што ќе донесе новиот модел на стопанисување со брзата помош, но секако се за тоа да има јавна дебата на оваа тема. Како тоа ќе се одрази на пациентите, како ќе биде уредено, дали ќе плаќаат дополнителни услуги во брзата помош, ќе треба да одговори Министерството за здравство.

Инаку, при ЈПП приватната фирма игра главна улога во проектирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето, финансирањето и управувањето со проектот, а јавниот сектор се фокусира на квалитетот на услугите и нивните цени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.