Нова Каледонија повторно ја отфрли независноста од Франција

Жителите на јужнопацифичкиот архипелаг Нова Каледонија во неделата по вторпат на референди, за самоопределувањето се изјаснија против независноста од Франција и против добивање целосен суверенитет, покажаа резултатите од гласањето.

„Не“ на гласачките ливчиња заокружиле 53,26 отсто од жителите, откако се преброени сите гласови од 304 избирачки места на оваа франциска прекуморска територија во Тихиот Океан, што е малку помалку во однос на референдумот од 2018 година, кога против се изјасниле 56,4 отсто од гласачите.

Ваквиот резултат донесе олеснување за владата на францускиот претседател Емануел Макрон, чиешто внимание пред референдумот беше насочено кон пандемијата на коронавирусот.

Мнозинството гласови „за“ на Париз би му ја одзело територијата во областа во којашто сѐ повеќе своето влијание го шири Кина, и би го лишила од гордоста на колонијална сила која некогаш опфаќала делови од Африка, југоисточна Азија, Карибите и Тихиот Океан.

Нова Каледонија станала француска територија во 1853 година, и во почетокот била колонија за осуденици. Оттогаш независноста е цел на домародниот народ Канак кој сочинува околу 40 отсто од населението. Тензиите меѓу припаднциите на Канак и потомците на колонијалните доселеници кои му остануваат верни на Париз се многу големи.

На островите кои од Париз се оддалечени 18.000 километри првиот референдум се одржа на 4-ти ноември 2018 година, кога победија приврзаниците на останувањето во рамките на Франција.

Нова Каледонија, според договорот потпишан во 1998 година, има право на три референдума за независност. Следната ваква можност на населението му се пружа во 2022 година.