Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Прилеп

Нова кривична пријава заработи поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Осомничен е дека наместил тендер за зимско одржување на улици и патишта во вредност од околу 1,2 милиони евра.

Полицијата соопшти дека освен против Ристески, поднела пријави и за пет други лица, поради постоење основано сомнение за истото кривично дело,

Ќе одговара и правното лице „Пела транс“ ДООЕЛ, од село Мажучиште, прилепско, за кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“.

МВР тврди дека Ристески, во својство на градоначалник на општина Прилеп, на пријавеното правно лице му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општината. Градоначалникот создал услови „Пела транс“ да биде единствен понудувач и избрана фирма за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територијата на општината Прилеп.

Пријавената фирма не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци.

Полицијата против поранешниот градоначалник на Прилеп поднесе кривична пријава и во февруари годинава за местење тендери за набавка на масло за греење, а неколку кривични пријави притив Ристески има поднесено и прилепскиот огранок на СДСМ и адвокатот Жарко Стевановски. Основниот суд во Прилеп во август лани го осуди Ристески на парична казна или алтернативна мерка условна казна затвор во траење од три месеци бидејќи не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на општината.