Нова кривична за закани кон пратениците преку Фејсбук

Полицијата продолжува да поднесува кривични пријави против лица кои преку социјалните мрежи го изразуваат своето незадоволство од  гласањето во Собранието. Овој пат кривична заработи А.Н.(38) од скопско Коњари, кој се товари за загрозување на сигурноста и ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Според полицијата, А.Н. споделил коментар на Фејсбук, со која според МВР, предизвикал загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија и ширење на расистички и ксенофобичен материјал.

По наредба од Основен Суд Скопје 1 вчера бил извршен претрес на неговиот дом при што се пронајдени и одземени предмети во интерес на истрагата, а А.Н. е повикан на службен разговор во полициска станица.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk. Министерството за внатрешни работи нема да толерира закани по живот на граѓани и повици за насилство и ќе ги презема сите потребни мерки за зачувување на јавниот ред и мир, велат од МВР.