Нова „петка“ на ПСЖ, важна победа на Сент Етјен

Откако во првиот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите беа поразени во Мадрид од Рреал со 1:3, фудбалерите на Пари Сен Жермен рутински ја одработија средбата од 26-то коло од француското првенство победувајќи го на „Паркот на принцовите“ Стразбур со 5:2.

Гостите поведоа уште во шестата минута со голот на Жан Аолу, но ПСЖ до полувремето направи пресврт постигнувајќи три гола. Стрелци беа Јулијан Дрекслер во 10 Нејмар во 21 и Анхел ди Марија во 22 минута. Стефан Баокен намали во 67 минута, но следеа два гола на Единсон Кавани во 73 и 79 минута, за конечните 5:2. Кавани така стаса од 23 голови во првенството оваа сезона, четири повеќе од Нејмар.

На табелата води ПСЖ со 68 бодови, на второто место е Монако со 56 бодови, Марсеј има 52, а Лион 48 бодови, но Марсеј и Лион имаат по меч помалку. Стразбур е на 14-то место со 30 бодови.

Дербито на дното од табелата, Сент Етјен на гостувањето го совлада Анжер со 1:0, а решавачкиот погодок го постигна во 79 минута Роберт Берич. Анжер остана на претпоследното 19-то место со 25 бодови, додека Сент Етјен го продолжи бегството од зоната на испаѓањето и моментално е 11-ти со 33 бодови.

Троа го совлада отпишаниот Мец со голот на Ниане во 88 минута. Троа е 15-та со 27 бодови, а Мец останува закотвен на последната позиција со само 18 бодови.

Амиен и Тулуз ремизираа без голови. Амиен е 17-ти со 26 бодови едно место зад Тулуз со бод помалку.

Без победник заврши и средбата меѓу Монпелје и Гингамп. Гостите кои се на 10-то место со 34 бодови, поведоа во 29 минута од пенал кој го реализираше Н’Гбакато, додека домашните израмнија во 73 минута со голот на Сио и сега се на петтото место со 38 бодови.

Ремизираа со резултат 2:2 и Каен и Рен. Кривели ги доведе во водство домашните во 6 минута, но три минути подоцна гостите израмнија преку Сако, а во 21 минута истиот играч направи целосен пресврт на резултатот, а домашните израмнија во 84 минута преку Да Силва. Каен има 32 бодови на 12-то место, додека Рен е осми со 35 бодови.

Претходно во петокот Монако го совлада Дижон со 4:0, по што гостите останаа на 13-то место со 31 бод.

Во недела играат Ница – Нант, Лил – Лион и Марсеј – Бордо.