Нова победа на Баерн, и без Левандовски и Милер

Леон Горецка, Баерн Минхен

Фудбалерите на минхенски Баерн и без своите најдобри играчи продолжуваат со серијата победи, а во 31-то коло во саботата на својот стадион со 2:1 ја победија за нив секогаш незгодната Борусија од Менхенгладбах.

И двата клуба во дуелот влегоа осетно ослабени. Кај Баерн поради парниот број жолти картони не играа најдобриот стрелец во шампионатот Полјакот Роберт Лендовски со 30 погодоци, и најдобриот асистен во Бундеслигата, Томас Милер кој има 20 успешни додавања за погодок. Кај Борусуја отсуствуваше најдобриот стрелец сезонава, Алесан Плеа кој постигна досега 10 погодоци, но минатото коло доби црвен картон.

Резултатот во полза на домашните го отвори во 26 минута халфот на баварците Џошуа Зикрзе, кој умешно ја искористи грешката на гостинскиот голман Хан Зомер, кој му ја сервираше топката на 19-годишниот Холанѓанец. Борусија, којашто последните три сезони трипати го победи Баерн во Бундеслигата, израмни во 37 минута благодарејќи на автоголот на францускиот репрезентативец Бенжамин Павар. Но во завршницата од дуелот, во 86 минута Леон Горецка му ја донесе победата на Баерн, кому три кола пред крајот на првенството му се потребни уште три бодат за дефинивно да ја освои новата титула.

Баерн ја продолжи серијата од 17 првенствени натпревари без пораз, во кои оствари 16 победи и едно реми. Последниот пораз на баварците им го нанесе токму вечерашниот противник со 1:2 во есенската полусезона на 7-ми декември.

Баерн води на табелата со 73 бодови, седум повеќе од второпласираната Борусија од Дортмунд, додека Борусија од Менхенгладбах е моментално е четврта со 56 бодови, колку што има и петтиот Баер Леверкузен со меч помалку во борбата за пласман во Лигата на шампионите.

Борусија Дортмунд која се чини шансата за титулата ја загуби откако беше поразена од директниот противник Баерн, во саботата на гостувањето кај Фортуна Диселдорф славеше со новиот гол на норвешкиот млад напаѓач Ерлинг Браут Халанд во шестата минута од судиското продолжување, на 20 секунди пред крајот. Норвежанецот така во своите 15 настапи во дебитантската сезона за Борусија постигна веќе 14 погодоци. Фортуна по поразот остана на 16-то место со 28 бодови, колку што има и 17-от Вердер на местотото кое директно води во втората лига.

Волсфбург на свој терен ремизираше со Фрајбург со резултат 2:2. Домашните дојдоа до водство од 2:0 а двоен стрелец беше Вут Вегхорст во 14 и 27 минута од пенал, но гостите израмнија со два гола постигнати на самиот крај на првиот дел и на почетокот од вториот. Прво Лукас Хелер во 43 минута го намали водството на домашните, а израмнувачкиот погодок го постигна Роналд Салаи во 46 минута.

Волсфбург остана на шестото место на табелата со 46 бодови, без шанси да се пробие во водечката петорка зад која заостанува најмалку 10 бодови, а Фрајбург и натаму е осми со 42 бода.

Келн загуби со 1:2 на домашен терен од Унион Берлин. Гостите ги осигураа трите бода со головите на Марвин Фридрих во 39 и Кристијан Гентнер во 67 минута, а поразот на домашните го намали Џон Кордоба во третата минута од судиското продолжение. Трите нови бода се важни за Унион Берлин во настојувањата да се одалечи од опасната зона, сега има 35 бодови со кои на 13-то место и е бодовно изедначен со Келн кој е место погоре.

Херта беше со 1:4 декласирана на свој терен од франкфуртски Ајнтрахт, и тоа во второто полувреме. Домашните поведоа во 24 минута со голот на Кжиштоф Пјатек, но се чини решавачкиот момент на мечот се случи во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме кога кај Херта исклучен бепе Дедрик Бојата. Гостите бројната предност во полето ја искористија на најдобар начин за кусо време правејќи резултатски пресврт. Прво израмни Бас Дост во 51 минута, а во 62 минута во водство ги донесе Андре Силва со својот прв гол на мечот а веќе во 68 минута водството го удвои Еван Н’Дика, додека Силва во 84 минута го постави конечниот резултат.

Ајнтрахт од Франкфурт сега е деветти на табелата со 38 бодови, и ја мина Херта која остана на исто 38 бодови но поради послабата гол-разлика е десетта.

Во дербито на самото дно на Бундеслигата, староседелецот Вердер го потопи со 5:1 Падеборн кој годинава влезе во елитата. Стрелци за гостите беа Дејви Класен во 20 и 39, Јуја Осако во 34, Максимилијан Егештејн во 59 и Никлас Фулкруг во втората минута од судиското продолжение. За домашните почесниот погодок го постигна Абделхамид Сабири во 66 минута.

Со трите важни бодови Вердер стаса до вкупно 28 бодови, останува на претпоследното 17-то место на табелата, но сега е бодовно израмнет со Фортина Диселдорф која е на местото кое од кое се игра плеј-оф за опстанок. Падеборн е последен со 20 бодови.

Во недела се играат два интересни меча: Мајнц и Аугсбург во меѓусебен дуел ќе се обидат да се оддалечат од опасната зона, додека 11-от Шалке ќе се обиде да ја прекине црната серија пречекувајќи го на свој терен петтиот Баер Леверкузен кој атакува на четвртото место.