Нова програма за лиценци за туристички водич за поатрактивен туризам

Секојдневно расте бројот на странски туристи во Македонија, а според тоа потребни се квалитени туристички водичи кои на атрактивен начин ќе им ги престават македонските убавини на гостите.

За таа цел,  Владата и Министерството за образование и наука подготвија нова програма и унифицирана цена со кои ќе се создадат квалитетни водичи.

Како што нагласи денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, туристичките водичи се репрезенти на државата и призма низ која странските гости го градат впечатокот за нашата, и воопшто за секоја земја.

„Од квалитетот на нивната презентација зависи дали странските посетители ќе си заминат дома со пријатани впечатоци и реална претстава за историјата, географијата, општественото уредување и културно наследство на земјата којашто ја посетиле“, истакна министерот.

Тој појасни дека за подигнување на квалитетот на овој стручен профил, Министерството заедно со двата државни факултети, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и Факултетот за туризам и бизнис логистика ја унапредија Наставната програма за стручен испит за добивање лиценца. Оваа програма е поддржана и од Стопанската комора за туризам на Македонија и Здружението на туристички водичи.

Новата програма е подготвена согласно со Европската рамка за туристички водичи според искуствата на Црна Гора и Хрватска, лидери во туризмот во регионот.

Во програмата за обука и испитната програма за туристички водичи се дефинирани бројот на единици, односно часови за обука, – вкупно 610 часови во траење од по 60 минути на кои ќе се изучуваат предметните програми, методи и техники, начини на презентаци и демонстрација на туристичка тура.

Ристовски додаде дека новина е полагање на практичен дел, односно пред соодветна комисија кандидатите ќе симулираат своја тура која ќе ја презентираат  на македонски и уште еден странски јазик.

Оваа лиценца за туристички водич може да се добие по новата унифицирана цена од 15.000 денари, а според планот, обуките ќе стартуваат во јуни.

„Ова е интегрален пристап во унапредувањето и унифицирањето на материјата за стекнување на знаења и стручност, со што како Влада очекуваме значително подобрување на една од најважните алатки за преставување на Македонија пред гостите, а тоа е туристичкито водич“, потенцираше министерот.

На програмата за добивање лиценца за туристички водич можат да се пријават сите заинтересирани граѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.