Пуштена во употреба новата спортска сала во рамки на ДУТ

Новата спортска сала во рамки на ДУТ (Државниот Универзитет во Тетово) денеска беше пуштена во употреба. Изградбата на спортската сала е дел од Владиниот проект за изградба на 35 спортски сали и воедно е 33-та по ред која веќе е изградена, а уште два вакви објекти се во фаза на изградба.

Станува збор за спортска сала со капацитет од околу 1.500 метри квадратни, 500 седишта, опремена е со најмодерна спортска опрема и оспособена да се користи за повеќе видови спорт – ракомет, фудбал, кошарка, одбојка, гимнастика, пинг-понг, тенис…

Пуштена во употреба новата спортска сала во рамки на ДУТ
Пуштена во употреба новата спортска сала во рамки на ДУТ

Со изградбата на оваа новата спортска сала, ДУТ, а пред се Факултетот за физичка култура на овој Универзитет добиваат објект кој им беше неопходен во изминатиот период и за кој сум убеден ќе биде од голема корист за сите студенти кои тука ќе вежбаат и ќе се рекреираат, рече на пуштањето во употреба на салата премиерот Никола Груевски и истакна дека инвестициите во спортската инфраструктура се само дел од инвестициите во високото образование во Република Македонија, пренесе МИА.

Во изминатите години започнаа некои од најкрупните проекти во образованието

Груевски потенцира дека во изминатите години започнале некои од најголемите проекти поврзани со оваа сфера. Притоа, тој посочи на капиталниот проект за превод на илјада стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија. Книгите, како што рече, се печатат и на македонски и на албански, а досега околу 420 се преведени на албански јазик.

Во изминатите години започнаа некои од најкрупните проекти во образованието
Во изминатите години започнаа некои од најкрупните проекти во образованието

Покрај инвестициите во литературата актуелен е и големиот проект на Владата на техничко-инфраструктурно опремување на високообразовните и јавните научни установи со лаборатории од најразличен вид,додаде премиерот и потенцира дека само во ДУТ се инвестирани 76 милиони денари со кои се опремени четири лаборатории.

Продолжуваат стипендиите за студентите

Премиерот најави продолжување на стипендиите на Владата за студентите кои ќе се запишат на првите 100 рангирани универзитети во светот, спроведување на проектот за доделување ваучери за набавка на таблет-компјутери за студентите со пониски приходи и студенти евидентирани како лица со посебни потреби, како и проектот за образование на возрасни 30-35 за кои, како што посочи Груевски, минатата година најголем интерес имало токму на ДУТ.

Сите овие сегменти и проекти се дел од една голема и сеопфатна стратегија на Владата за континуиран напредок на образованието и подигнување на интелектуалните капацитети на луѓето во Македонија. За нас е многу важно да имаме силно образована и висококвалификувана работна сила без разлика на националната, етничката или верската припадност. Битно е да имаме силни индивидуи кои ќе бидат успешни во својата област и кои ќе продуцираат дополнителна вредност во Република Македонија, истакна македонскиот премиер.

Тој додаде дека колку е човек пообразован е побогат и покорисен за себе, за семејството, околината и државата и оти затоа Владата ќе продолжи да инвестира во образованието, факултетите, универзитетите…