Нова средба меѓу Ким Џонг Ун и Мун Јае Ин

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и претседателот на Јужна Кореја Мун Jae Ин денеска во Пјонгјанг разговараа околу денуклеаризацијата и крај на Корејската војна. Ким и Мун разговараа во континуитет два часа, но детали од нивниот состанок засега не се соопштуваат.

Ким му кажал на Мун дека неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во јуни ја стабилизирала регионалната политичка ситуација и оти очекува повеќе напредок во таа насока и го пофали неговиот колега дека сторил се што е можно за реализирање на „историски самит” во Сингапур.

Мун беше пречекан и од стотици жители на Северна Кореја во одела и традиционални носии, носејќи цвеќиња и знамиња на Корејскиот Полуостров и својата држава.

„Срдечно ја поздравуваме посетата на претседателот Мун Jae Ин во Пјонгјанг!“, гласел големиот натпис над толпата. Двајцата лидери излегле од истио црн „мерцедес“ кога пристигнале во куќата Пекхвавон во која Мун треба да отседне.

Истата куќа ја користеле и претходните два претседатели на Јужна Кореја за време на самитот со таткото на Ким, Ким Џонг Ил, во 2000 и 2007 година.

Ова е трета меѓукорејска средба на Мун и Ким и се смета за испит за можна идна средба, која лидерот на Северна Кореја ја предложи, со американскиот претседател Доналд Трамп.