Нова стихозбирка од Веле Смилевски- „Европа го зборува мојот мајчин јазик“

„Европа го зборува мојот мајчин јазик“ е насловот на новата поетска книга на Веле Смилевски во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје.

Стихозбирката е посветена на европските поети, добитници на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, чии опуси се објавени на македонски јазик. Покрај насловната песна, книгата ги содржи циклусите „Кула Вавилонска“, „Настани отаде песните“, „Зборообразувачки настани“, „Азбучни илуминации“ и „Зборлести зборови“.

Книгата, во обем од 200 страници, во посебен оддел донесува и авторски белешки и коментари со наслови: „Пригодна песна“, „Разминување“, „Расправа за О-то скитничко“, „Континуитет“ и „Песната палимпсест“.

Веле Смилевски (1949) е поет, романсиер, литературен критичар, есеист, книжевен истражувач. Доктор по филолошки науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил научен советник во Институтот за македонска литература (1985-2013) и професор на Студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1982-2013). Бил руски стипендист на Универзитетот Ломоносов во Москва (1989-1990) и лектор по македонски јазик и литература на Карловиот универзитет во Прага (1994-1997).

Ги извршувал функциите: Претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (1989); Претседател на Друштвото на писателите на Македонија во три мандати: 2000 – 2002, 2002 – 2004 и 2014-2018. Бил член на редакцијата на литературното списание „Разгледи“ и уредник во издавачката куќа „Мисла“. Сега е уредник во издавачката куќа „Дијалог“ и главен и одговорен уредник на Македонски книжевен гласник „Синтези“.

Автор е на поетските книги: „Слика што согорува“ (1974), „Кафез“ (1978), „Диши длабоко“ (1985), „Одзив на здивот“ (1987), „Икра во славината“ (1989), „Подвижни точки“ (1990), „Гребнатинки“ (1995), „Педесет песни“ (2000), „Педесет допевања“ (2005), „Совршена тишина“ (2009), „Час по поезија“ (2010), „Забранета книга“ (2011), „Век за самување“ (поема, 2012), „Век за приказ“ (2013), „Песната палимпсест“ (2017), „Европа го зборува мојот мајчин јазик“ (2022).

За своето поетско творештво добитник е на повеќе признанија, меѓу кои: наградата на Друштвото на писателите на Македонија „Ацо Шопов” за најдобра поетска книга во Македонија за 2005 година, за стихозбирката „Педесет допевања”, наградата „Браќа Миладиновци” на јубилејните 50-ти Струшките вечери на поезијата, за најдобра поетска книга објавена меѓу два поетски фестивала, за стихозбирката „Забранета книга” (2011), маградата „Григор Прличев” за најдобра поема во 2012 година за поемата „Век за самување”.

Добитник е на Државната награда „11 Октомври” за животно дело од областа на уметноста и културата (2012).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.