АНАЛИЗА: Нова Студена војна – на чија страна е Германија?

Руската федерација влегува во конфронтација со Соединетите американски држави. Размислувањата и коментарите за новата трка во нуклеарно вооружување повторно се актуелни. По се’ изгледа дека наближува ледена епоха. На чија страна ќе застане Германија овој пат, пишува германскиот „Ди Велт“, пренесува Нетпрес.

Во 2010 година НАТО ја објави својата подготвеност за поставување на штит за противракетна одбрана во Европа. По појавата на првата база со „полн капацитет“ во Романија, таква иста беше поставена и во Полска. Сега веќе завршениот систем бдее над европските држави за заштита од закани, како по копно така и по море.

Рускиот претседател Владимир Путин, веднаш објави дека ракетниот штит на НАТО е насочен против неговата земја и им се заканува на „врховните интереси“ на Москва. Во Кремљ стравуваат дека во секој момент САД би можеле од своите бази да истрелаат нуклеарни ракети. Путин реагира со повлекување од договорот склучен во 1987 година, од Роналд Реган и Михаил Горбачов, за разоружување од арсеналот на нуклеарни ракети со среден дострел. Путин, исто така, распореди и воени бродови од Балтичката флота во Калининград, но и постави нови нуклеарни ракети западно од Урал.

Иако звучи како старомодно сценарио од времето на Студената војна, сепак темата е повеќе од актуелна во сегашно време.

Мрачните слики се засилуваат од последните анализи за руската надворешна политика, според кои, по анексијата на Крим и воената интервенција во Сирија, проследено со непредвидливо однесување на Москва, веќе не може да биде дефинирано како изненадувачко.

Повлекувањето на Русија од договорот за контрола на нуклеарното вооружување е претпоставка што сеуште не е поткрепена со реална научна анализа. Руската државна пропаганда веднаш го осуди. Но, во последниве недели претседателот Путин лично претстави конкретни докази дека е подготвен да го искористи статутот на Русија како нуклеарна сила во политичките односи.

Тешко дека на друг начин може да биде разбрано неговото условување за стопирањето на „нуклеарниот развод“ со Вашингтон, кој почна со повлекување од спогодбата за користење на плутониумот за вооружување. Воедно рускиот претседател побара од министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, да објави дека соработката со САД е возможна само откако ќе бидат укинати санкциите на Москва, воведени поради анексијата на Крим и војната во Донбас.

За демонстрација на подготвеноста за конфликт, Путин одбра спогодба, која сама по себе не е премногу значајна за да ги промени сериозно односите меѓу Москва и Вашингтон, во и без тоа напрегнатата ситуација. Но, не бива да се заборави дека договорот регулира секоја од двете страна да располага со 34 тони плутониум за оружје – материјал доволен за 17.000 нуклеарни боеви глави.

Тоа што сепак станува збор за спогодба, во однос на нуклеарното оружје, не е никаква случајност, бидејќи тој отвора стари, заборавени стравувања од времето на Студената војна.

При тоа нема никакво значење дека документот има малку заедничко со споровите, кои ги засегаат разоружувањето и контролата врз вооружувањето – тој е важен сигнал за тоа дека едно од несогласувањата е во сфера, која беше табу за политички игри од крајот на конфронтацијата меѓу двата блока. Тоа е продлжување на старата и опасна игра, која во поново време ја води Путин.

Рускиот претседател постојано напоменува за тоа дека неговата земја е нуклеарна сила – исто како што неодамна „несакајќи“ спомена дека за време на окупацијата на Крим, размислувал да прогласи борбена готовност за стратешките нуклеарни сили.

Сите знаци посочуваат за конфронтација. Претпоставката дека Путин сериозно размислува искористување на нуклеарно оружје, изгледа малку веројатна. Но, сама по себе, ќе го принуди Западот да посвети сериозно внимание можноста тоа да се случи.

Ритамот е силно опиплив во Берлин, каде партиите зачестија со споровите за тоа која е вистинската стратегија против Москва.

„Рускиот претседател Путин се’ повеќе прераснува во диктатор и применува чиста политика на сила, одговорна за смртта на илјадници невини луѓе во Сирија и во Украина“, коментира демохристијанинот Елмар Брок, претседател на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент.

Брок ги повикува политичарите да преземат многу поцврст став во однос на Русија, и освен економски санкции треба да се вклучат и забрана за обезбедување на технологии за производство на оружје, и за компјутерски софтвери за таа намена.

Но, не сите во Берлин имаат толку радикален став во однос на Москва.

Генералниот секретар на ХДС, Петер Таубер, се жали дека ГСДП „за жал се’ почесто се определува како антиамерикански стожер – не само во дебатите за слободна трговија, туку и за улогата на НАТО“.

Во редовите на Христијанско-спцијалниот сојуз (ХСС), ставовите не се совпаѓаат со оние на партијата на канцеларот Ангела Меркел. Извршниот комитет на ХСС по средба со Баварската бизнис асоцијација објави заедничка декларација со клучна порака:

„Санкциите не треба да бидат постојани. Блоковото размислување веќе не е потребно“.

Во Минхен човек може лесно да сфати дека економијата на слободната држава е приоритет за премиера Хорст Зеехофер, кој не се поколеба лично да го посети Владимир Путин, за да разговара со него на таа тема – и покрај неодобрувањето од Берлин.

Социјал-демократите се колебаат меѓу критичкото однесување кон Путин и попустливоста кон Кремљ. Но, дури и во министерството за надворешни работи, раководено од Франк-Валтер Штајнмајер, се раздразнети од прекумерните хардлајнери против НАТО.

Со тоа ГСДП буди сомнеж дали застанува на страната на Москва или на Вашингтон. Тие држат до тоа Берлин цврсто да стои во редовите на ЕУ и на НАТО, но во стовремено сакаат заеднички цели со Москва.

Една од причините за таа, на прв поглед чудна позиција, е поврзана со тоа дека Русија сеуште се гледа како столб на нивната партија. Неможе да се заборави дека Германија постепено навлегува во период на предизборна треска, која дополнително ги комплицира и така сложените политички игри во Берлин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.