Нова вонредна состојба и полициски час пак се во опција

Комисијата за заразни болести ја разгледува можноста за прогласување нова вонредна состојба и воведување полициски час, вели за „А1он“ Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје – Скопје и член на Комисијата за заразни болести. Зголемените бројки на новозаразени во есенскиот бран Стојанов вели дека се резултат на масовното непочитување на мерките.

-Сите опции се ставени на маса. Размислуваме и за нова вонредна состојба и за полициски час. Тоа се мерките кои можеме да ги препорачаме доколку се продолжи со ова темпо. Дали и кога ќе ги препорачаме, зависи од исполнетоста на болниците. Сите болници веќе се полнат, но сè уште има слободни места, а ја имаме и монтажната болница – вели директорот Стојанов за „А1он“.

Тој апелира да се носат маски оти, засега, нема друга алтернатива за заштита од вирусот, но разочаран е од олабавениот однос на граѓаните кои во секој момент може да станат пациенти.

-Сведоци сме дека други земји ги затвораат кафеаните, еве на пример Белгија, а ние се соочуваме со притисоци од угостителите поради мерките што ги предлагаме. Сведоци сме и дека цело лето не се почитуваат мерките. Имаше групирања, неносење маска, а исто е и сега. Не носат маска додека се на работа, велат колеги им биле, а протоколот е јасен – маска треба да се носи и на работа – вели директорот Стојанов.