Нова вонредна состојба во Јапонија, три месеца пред Олимписките игри во Токио

Јапонската влада прогласи во петокот нова вонредна состојба во Токио и уште три региони, на три месеца пред почетокот на Олимписките игри кои треба да се одржат во престолнината, соочувајќи се со локални жаришта на коронавирусот.

„Денеска одлучивме да прогласиме вонредна состојба во окрузите Токио, Кјото, Осака и Хјого. Болничкиот систем соочува со ситуација без преседан. Инфекциите со многу заразните варијанти претставуваат денес 80 отсто од инфекциите во Осака и 30 отсто во Токио“, изјави премиерот Јошихиде Суга.

За разлика од претходната вонредна состојба, која наложуваше само скратување на работното време, сега локалите кои служат алкохол мора да бидат затворени, како и трговските центри и големите продавници.

„Имаме силно чувство на криза. Нема да бидеме во можност да ги сузбиеме варијантите кои се позаразни доколку не преземеме посилни мерки од претходно“, рече претходно во петокот министерот задолжен за борба против коронавирусот, Јасутоши Нишимура.

Вонредната состојбна треба да стапи на сила во недела и да трае најмалку до 11-ти мај. Бидејќи оваа мерка се носи токму во време на празниците на почетокот од мај кога многу Јапонци често патуваат, не е исклучено дека да бидат укинати и некои железнички и автобуски линии, за да се намали движењето на населението.

Јапонските власти велат дека мерките нема да влијаат на организацијата на Олимписките игри. Не се размислува за откажување, изјави во петокот за новинарите Сеико Хашимото претседателка на Токио-2020.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.