Новата цена на горивата во вторник ќе ја дознаете на бензиска пумпа

Новите цени на горивата од вторник граѓаните ќе ги дознаваат на бензиските пумпи, оти трговците ќе ја формираат цената наместо тоа да го прави Регулаторната комисија за енергетика. Нејзиниот мандат за утврдување на цените на дериватите истекува во понеделник на полноќ кога истекува договорот со ОКТА според кој функционираше старата методологија за утврдување на цената.

Од Регулаторната комисија за енергетика смируваат, оти како што велат, добиле уверување од трговците дека нема да се создаде ценовен шок и ќе се следат цените на светскиот пазар.

Со новите измени на Законот за енергетика се предвидува Комисијата цената на горивата да ја утврдува еднаш седмично наместо на две недели.

Цената на горивата, според новата методологија, ќе се пресметува според движењето на цените на светските берзи и средниот курс на доларот, а во пресметката ќе бидат вклучени и трошоците на трговците за набавка, складирање и транспорт. Дополнително ќе се одреди и маржа за профит на трговците, но според регулаторите заработувачката ќе мора да биде разумна.