Новата француска министерка за одбрана се обврза на јакнење на европската соработка

Новата француска министерка за одбрана Силви Гулар се обврза дека ќе работи на заедничките европски одбранбени проекти и дека посилно ќе соработува со Германија.

Силви Гулар, која е претставена како европски експерт, минатата седмица го презема француското министерство за одбрана. Одлуката на претседателот Емануел Макрон да ја постави на оваа функција го изненади поголемиот дел од француската и европската јавност, но тоа се толкуваше како доказ на неговата доследност на Европската унија и желбата за поголема интеграција на европската одбрана.

„Целосно сум предадена на продолжувањето на европските одбранбени проекти. Некои елементи веќе постоја, но другите допрва треба да бидат осмислени и развиени за да ја подобрат нашата сигурност во овој период на меѓузависност. За да успееме во тоа, клучна е соработката со Германија“, изјави Гулар во својата прва порака на воениот и цивилниот персонал којашто ја објави во саботата.

Гулар е европарламентарка којашто зборува четири јазици и е многу почитувана во Брисел каде е позната како личност којашто зборува директно. Работеше и како советничка на поранешниот претседател на Европската комисија, Романо Проди.

Блиска соработничка е на претседателот Макрон, во хиерархијата на новата влада е на четвртото место, и е втората жена во француската историја којашто го презема министерството за одбрана, коешто го врати своето старо име од пред 1974 година – министерство на вооружените сили.

Гулар, исто така, истакна дека сака да осигури дека француско-британската безбедносна и одбранбена соработка нема да настрада по одлуката Обединетото Кралство да истапи од Европската унија.

Макрон е голем поборник на европските интеграции и ја поддржува ЕУ со „повеќе брзини“, идејата којашто добива и се поголема поддршка во Германија и во некои други земји членки по британскиот референдум.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.