Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува едностран договор со Бугарија потпишан од Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати порака до претседателот Румен Радев и до бугарската влада дека едностран договор потпишан од политички бегалец како Зоран Заев, новата влада нема намера да го почитува.

– Мојата порака и до Радев и до бугарската влада е дека овој едностран договор, потпишан од политички бегалец, како Зоран Заев, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, нема намера да го почитува. Затоа што ниту учествува ниту знае каков е. Треба да знаат дека немаме намера да го почитуваме – рече Мицкоски во синоќешното гостување во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат М.

– Јас нема да давам претпоставки што би било кога би било, само ќе анализирам што имаме на располагање. Постојат три опции од кои што две се пореални, а едната е понереална. Но сите три се катастрофални за македонскиот народ и за македонската држава, бидејќи директно сите овие три опции задираат во идентитетот на Македонците и тоа го видовме од новиот коалициски договор на потенцијалното мнозинство во бугарскиот парламент кој што вели дека основа на договорот е Резолуцијата на Бугарскиот парламент, која што е понижувачка и нема врска со европските вредности. Сега има прва опција Зоран Заев да потпише некаков протокол со кој што ќе ја прифати целосно или делови од Резолуцијата повторно на штета на идентитетот и тоа го прави тој своерачно или министерот за надворешни работи и тука да се апстрахира комплетно одговорноста на парламентот и Уставот. Втората опција е да се потпише некој договор или протокол 5 плус 1 како и да го нарекуваат сега таму, кој што никој жив не го видел, а мора да го извадат во јавноста затоа што ќе немаме никаква обврска да го почитуваме понатаму. И третата помалку возможна варијанта, најневозможна, некое политичко мнозинство во Бугарија практично да донесе нова помека Резолуција, полиберална и на тој начин конечно да покажат дека заслужуваат да бидат Бугарите и Бугарија дел од ЕУ и да ни дозволат ние да го почнеме процесот на преговори – рече Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.