Новата влада позната до крајот на неделава

До крајот на оваа недела се очекува средба на премиерот Зоран Заев и неговиот коалиционен партнер, Али Ахмети на која што ќе ги договорат последните детали од најавените смени во владиниот кабинет.

Министерот за земјоделство и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вели консултациите се во тек и очекува до крајот на неделава да има сериозен исчекор за концептот на работата на Владата и предлозите што премиерот треба да ги достави до Собранието.

„Сите кадровски преструктуирања односно зголемувањето на потенцијалот на капацитетите продолжува на сите нивоа и партиски и на ниво на Влада, и не само на министерско, туку и во останатите ешалони. Паралелно се одвиваат сите  активности, но очекувам дека претседателот на Владата ќе ја информира јавноста во текот на следните денови за исходот од првичните одлуки за реконструкцијата на Владата“, рече Николовски.

Имињата на потенцијалните нови министри засега не ги откриваат ниту во СДСМ, ниту во ДУИ. Се чека средбата Заев Ахмети за да го потврдат списокот пред да биде испратен во Собрание за одобрување од пратениците.

Дамите во владата на безбедно од „метлата“

Според одговорот на Заев на вчерашниот настан посветен на две години од формирањето на владата којашто тој ја предводи најави дека жените министри во неговиот кабинет  најверојатно нема да бидат опфатени со владините смени.

„Според ова укажување министерките не треба да бидат зафатени од владината реконструкција“, рече Заев давајќи одговор на учесничка во панелот кој даде забелешка за малиот број на жени во раководни функции во извршната власт.