Нови 163 случаи со Ковид-19 – нема починати

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во последните 24 часа се потврдени 163 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 52 случаи во Скопје, 33 во Штип, 21 во Куманово, 17 во Гостивар, седум во Струга, пет во Битола и по четири во Тетово и Кавадарци. По три случаи на Ковид-19 се регистрирани во Демир Хисар и Свети Николе, по два случаи во Дебар, Велес, Струмица, Кочани и Пробиштип, и по еден случај во Охрид, Македонски Брод, Кичево и Ресен.

Од МЗ информираат дека денеска нема починати пациенти од Ковид-19. По речиси два месеци, за прв пат не е регистриран смртен случај од Ковид-19.

Институтот за јавно здравје регистрирал 69 оздравени пациент, односно, 41 од Скопје, десет од Штип, шест од Гостивар, четири од Прилеп, три од Велес, два од Гостивар и по еден пациент од Дебар, Тетово и Пробиштип.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9412,  бројката на оздравени пациенти е 4940, на починати е 432, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4040“, стои во соопштението на МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје, во изминатите 24 часа примени се шест нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 86 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 34 пациенти, а нема пациенти на респираторна машина.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 17 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, седум позитивни деца, едно дете и една мајка суспектни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 10 нови, вкупно хоспитализирани се 92 пациент. На респираторна машина се 7 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 37, а во болницата во Штип се хоспитализирани 51 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 132 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 88.179 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 1.636 теста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.