Нови американски санкции против Иран поради ракетната програма

САД во вторникот објавија нови санкции против Иран за да го казнат поради неговата програма за балистички ракети и „опасните“ воени активности на Блискиот исток, неколку часа откако беше донесена одлуката да се поддржи меѓународниот договор за нуклеарната програма со извештајот дека официјален Техеран се придржува до неговите одредби.

Стејт департментот воведе санкции против 18 поединци и институции поврзани со програмата за развој на балистички проектили и со Корпусот на чуварите на исламската револуцијата, елитните единици на Исламската Република Иран.

Неименувани функционери од Белата куќа во понеделникот вечерта изјавија дека Вашингтон подготвува дополнителни санкции против Техеран задржувајќи го потписот на договор за иранската нуклеарна програма потпишан со шесте светски сили на 14 јули 2015 година во Виена.

„САД остануваат длабоко загрижени поради опасните активности на Иран на Блискиот исток кои ја поткопуваат стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот“, наведува во писмената изјава портпаролката на американската дипломатија Хетер Науерт.

Таа ја осудува „постојаната поддршка на Иран на терористичките групи, како што се )либанското шиитско движење) Хезболах, (палестинското сунитско исламистичко движење) Хамас и палестинскиот исламски Џихад кој му се закануваат на Израел и на стабилноста на Блискиот исток“ .

Американската администрација објави во понеделникот вечерта дека Иран се придржува до обврските преземени од нуклеарниот договор со шесте светски сили, но предупреди дека не се придржува до духот на споменатиот договор и најави дека Вашингтон ќе се обиде да најдени начини да го засили.

Вторпат откако во јануари ја презема должноста, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Иран се придржува до договорот, и покрај тоа што во текот на својата предизборна кампања во 2016 година го нарекуваше „најлошиот (за САД) договор кој кога и да е постигнат“.

Во согласност со американскиот закон, Стејт департментот секои 90 дена мора да го извести Конгресот за тоа дали Иран се придржува до Заедничкиот сеопфатен план за дејствување (JCPOA). Крајниот рок до кој Трамп, во согласност со барањето на Конгресот, требаше да ја донесе одлуката за тоа беше понеделникот.

Висок функционер на американската дипломатија изјави дека Иран се придржува до нуклеарниот договор од  2015 година, но дека претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Рекс Тилерсон сметаат дека Техеран „сѐ уште е една од најголемите закани за американските интереси и за регионалната стабилност“.

Функционерот навел низа обвинувања кога станува збор за наводното однесување на Иран кон земјите во регионот, вклучително и развојот на балистичките ракети, поддршката на тероризмот и продолжување на судирите и вмешаност во злосторства извршени во Сирија, како и дека и натаму претставува закана за поморските патишта во водите на Персискиот залив.

Целта на договорот кој со Иран го постигнаа петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации: САД, Русија Кина,, Велика Британија и Франција плус Германија, е да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје со наметнување на временски ограничени рестрикции и строг меѓународен надзор на нуклеарната програма на земјата. За возврат, на Иран му се укинуваат децениските меѓународни економски и финансиски санкции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.