Нови антивладини протести во Белград, Вучиќ порача дека нема проблем со тоа

Неколку илјади луѓе во Белград во саботата вечерта протестираа против властите продолжувајќи ги протестите почнати пред три седмици, а иако претставени како непартиски на нив присуствуваа и челниците на опозициските партии, додека српскиот претседател Александар Вучиќ пред собирот порача дека за него протестите не претставуваат проблем, но дека не смеат да бидеа насилни.

Собирот мина без инциденти, а започна со минута молчење за жртвите од несреќата крај Ниш кога пет патници настрадаа во налетот на воз на автобус.

Демонстрантите вечерва носеа мали транспаренти со натписите „Не сум глупав“, „Започна“, „Додека сите не се слободни, никој не е“, а некои и жолти елеци со натписи и беџови „1 од 5 милиони“, алудирајќи на пораката на претседателот Александар Вучиќ по првиот протест дека може да се соберат и пет милиони, но дека нема да им исполни ниедно барање, а дека „може да добијат само избори“, додела анкетите покажуваат дека повторно би победила неговата Српска напредна партија (СНС).

Пред околу 5.000 лица на платото пред Филозофскиот факултет во Белград, актерот Бранимир Трифуновиќ му порача на Вучиќ дека мора да престане „да лаже и да краде“ и оти треба да го послуша гласот на народот.

„Престани да лажеш и престани да крадеш, слушај што ти кажува народот, народот кој не живее од твоите сендвичи и твоите списоци и од твоите избори на кои нема да учествуваме“, рече Трифуновиќ и порача дека граѓаните, кои на протестите „ги има сѐ повеќе“ ќе ја откажат граѓанската послушност.

Иако официјално Вучиќ како шеф на државата има главно церемонијална улога, тој има многу реална власт во Србија и отворено учествува во управувањето. Неговата партија СНС беше доминантна на трите парламентарни избори до 2012 година. Вучиќ минатата 2017 година го започна петгодишниот претседателски мандат.

„Вучиќ престана да тепа, но тој и неговите започнаа да ги палат домовите на новинарите“, рече Трифуновиќ најавувајќи го обраќањето на новинарот од интернет страницата Жиг Инфо, Милан Јовановиќ, чијашто куќа во белградската општина Гроцка неодамна била изгорена во пожар предизвикан со молотов коктел.

Јовановиќ, истакнувајќи дека не е член на ниедна партија, рече дека „на сопствена кожа почувствувал што не чини во Србија“. „На власта не ѝ е гајле за обичните граѓани, ниту за малите луѓе кои купуваат билет во еден правец, за повеќе да не се вратат во Србија“, рече Јовановиќ.

Карикатуристот Душан Петричиќ, кој со своите карикатури остро ги критикува и исмејува властите, нејзините челници и претседателот Вучиќ, рече дека на протестот учествува „во името на здравиот разум, бидејќи научил да разликува чесно од нечесно“, рече и дека „се срами од фашистичката власт“ и која ги „убила образованието, правосудството, културата, уметноста“.

Организаторите на протестите под мотото „1 од 5 милиони“ бараа од јавната Радио-телевизија Србија (РТС) во централниот Дневник 2 да издвои пет минути за претставниците на протестот и во информативните емисии да ѝ овозможи на опозицијата да ги каже своите ставови. Во соопштението, коешто го потпишале како организатори на протестот Јелена Анасоновиќ и Бранислав Трифуновиќ, од РТС се бара „објавување на вистините податоци“ за бројот на демонстрантите, емитување веродостојни снимки од протестот и објавување на нивните барања.

„Наместо тоа, РТС е соучесник во прикривањето на вистината и креирањето паралелна, лажна стварноста која Александар Вучиќ ја создава веќе шест години“, се наведува во соопштението на организаторите на протестот.

Во текот на протесната поворка која мина без инциденти, сообраќајот беше сопрен во сите централни белградски улици, а покрај бројните полицајци во цивил и сообраќајна полиција, немаше зајакната полициски единици, пренесуваат белградските медиуми.

Претседателот Вучиќ претходно во саботата за новинарите изјави дека „нема проблем“ со протестите во Белград и дека после сите протести против него и неговата Српска напредна партија „излегувал посилен“, а оние кои ги воделе протестите излегувале „драстично послаби“. Оцени дека организаторите по протестите „имаа и 30 до 40 отсто“ помалку сила и поддршка на изборите.

Протестите во Белград траат веќе трета сабота, откако пред три седмици беше одржана првата протесна поворка под мотото „Стоп за крвавите кошули“, како реакција на нападот на челникот на малата опозициска партија Левица на Србија, Борко Стефановиќ во Крушевац. Слоганот „Еден од пет милиони“ следеше по коментарот на Вучиќ дека нема да исполни ниедно барање на опозицијата, па колку и луѓе да излезат на улиците „макар се собрале и пет милини“ и колку и долго да траат протестите. „Можете да добиете само избори“, порача тогаш Вучиќ.

Неговата денешна порака во пресрет на протестот е дека демонстрантите може да шетаат, о без насилство и инциденти и „игри“ како на протестите во светот.

„Нема да ги дозволам оние игри кои тие ги играат по белиот свет: божем им носат цвет на нашите полицајци, па божем – вие сте на нашата страна. Е, тука нема полицајци: повели, шетај колку сакаш, прави што сакаш, освен што не смееш да вршиш насилство никаде, над никого, ниту на еден објект“, порача во саботата Вучиќ.