Нови „бомби“ ја тресат македонската политичка сцена

1249

Членовите на групата којашто изврши терористички напад во кумановската населба Диво насеље ги оствари своите закани и од денеска почна да објавува прислушувани телефонски разговори на Фејсбук.

На социјалната мрежа денеска се објавени шест аудио снимки со прислушувани телефонски разговори од профил именуван како „Ел чека“. Сите разговори кои се објавени се водат на албански јазик, освен еден за којшто објавувачот тврди дека се работи за гласовите на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Сопственикот на профилот од којшто се објавуваат аудио снимките најавува дека ова е само почеток.

Иако во 2015 година беше донесен закон со којшто се забранува објава на прислушувани разговори сепак во изминатиот период од повеќе лица и на различни социјални медиуми „протекуваа“ сними со разговори политичари, новинари, бизнисмени и други лица од општествениот живот. Јавното обвинителство најави истрага за објавувачите, додека СЈО најави анализа на содржината. Досега, ниту од двете институции нема информации дали има напредок во нивните истраги поврзани со овие објавени разговори.

ДУИ: МВР и Обвинителството потфрлија во својата работа

Демократската унија за интеграција, чии функционери се споменуваат во разговорите или пак се наведуваат како говорници, очекува Јавното обвинителство и МВР конечно да реагираат и да си ја завршат работата.

„МВР и Обвинителството целосно потфрлија кога станува збор за нелегално прислушуваните материјали објавувани на социјалните мрежи од лица со сомнително досие. Да потсетиме дека досега нема никаков епилог ниту од „бомбите“ кои беа објавени пред неколку години, а за кои ДУИ достави пријава до МВР и до Обвинителството. Второ, како е можно затвореници да поседуваат мобилни телефони, да располагаат со такви материјали и секој ден да ги објавуваат на Фејсбук? Што прави МВР и што прави директорот на затворот? , прашуваат од ДУИ во изјава за Плусинфо.

Во ДУИ неофицијално коментираат дека зад профилот се крие извесен Ш.А., а локацијата Чикаго од каде се објавени, е точна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.