Нови детали за Македонецот од крузерот заразен со коронавирус

Македонскиот државјанин кој беше меѓу тројцата наши граѓани на бродот „Дајмонд принцес”, закотвен во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, и кај кој е потврден коронавирус, има блага форма на заболувањето и е транспортиран во болница во градот, информира денеска д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Таа рече дека за тројцата наши граѓани кои се на бродот во пристаништето во Јокохама, редовно комуницираат преку меѓународниот здравствен правилник со нивните колеги од Јапонија.

– Тие редовно не известуваат на два дена каква е нивната здравствена состојба и дали има промени или во статусот на позитивност или негативност. Добивме информација дека еден од нив е тестиран позитивен на коронавирусот. Се работи за блага форма на заболување, меѓутоа со оглед на рутинските процедури, овој наш граѓанин е транспортиран во болница во Јокохама и таму е на лекување, потенцира д-р Кузмановска.

Во меѓувреме, јапонското Министерство за здравство соопшти дека уште 44 лица на крузерот „Дајмонд принцес“ се заразени од новиот коронавирус. Со тоа бројот на заболени на бродот, на кој во карантин се повеќе од 3.500 патници и членови на екипажот, се зголемил на 218, од 713 лица колку што досега се тестирани.

Инаку, министерството за здравство денеска информираше дека согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи, дојде до промена во однос на состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess“ во Јокохама, Јапонија. Амбасадата на Република Македонија во Токио е во комуникација со македонскиот државјанин. Воедно, амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на корона вирусот.

Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 годишна возраст и лица со хронични заболувања.