Нови директори на скопските јавни претпријатија и установи

„Дрисла“, „Лајка“, „ЈСП“, „Улица и патишта“ се четирите скопски јавни претпријатија која добија нови директори. Градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска, покрај овие јавни претпријатија, директор и заменик директор постави и на Јавната установа Зоолошка градина.

Јане Мицевски е нов директор на јавното комунално претпријатие- депонијата „Дрисла“, а доаѓа на местото на Коста Начевски, којшто беше назначен од Петре Шилегов, екс-градоначалникот на Град Скопје.

Мицевски е дипломиран економист, со повеќегодишно работно искуство на раководни позиции.

И ЈП „Лајка“ има нов директор веќе десетина дена. На местото на Тина Петрушевска за в.д. директор е поставен Воислав Димитровски.

Димитровски е предлог на здруженијата за заштита на животните, како најдобро решение за претпријатието што извршува дејност од посебен јавен интерес за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување на систем за контрола на популацијата на кучиња.

Димитровски по професија е ветеринар, магистер во областа на ветеринарното јавно здравство, национален консултант на ФАО за благосостојба на животните, проект лидер на УНДП за решавање на проблемот со бездомните кучиња на територијата на Југозападниот реон на Македонија. Од Ветеринарната комора на Македонија е назначен како координатор за решавање на проблемот со бездомни кучиња на територијата на Македонија.

Иван Илиевски е нов в.д. директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), на местото на досегашниот директор Кристијан Чушков кој е разрешен од функцијата.

Илиевски долги години работи на раководни позиции во Авто Мото Сојуз на Македонија и Македонија Сообраќај Америт. Во текот на својот професионален ангажман, работи и за развој на Центрите за обука на институции, како сертифициран инструктор на IRU Academy (Академија на Унијата за патен транспорт) за обука на Менаџери на транспортни компании, возачи во меѓународен патен транспорт и транспорт на опасни материи. Илиевски e член и на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на Град Скопје.

Борис Настов е назначен за нов в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“ Скопје откако претходно од директорската позиција беше разрешен Горан Симоновски.

Борис Настов е дипломиран машински инженер со долгогодишно работно искуство на раководни позиции во Гранит АД Скопје, БАУЕР БГ Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје и Министерство за финансии.

И скопската Зоолошка градина доби нов директор. Функцијата в.д. директор на Зоолошката градина во Скопје ја врши Кристијан Стаменов.

Стаменов од 2011 година е вработен во Зоолошката градина во Скопје на работна позиција самостоен ЗОО негувател. Стаменов е дипломиран економист од областа на маркетинг менаџмент.

Покрај Стаменов, Тина Мицковска досега задолжена за односи со јавност на Зоолошката градина во Скопје, од денеска е прв соработник и заменичка на новиот директор на ЗОО.

Главни проекти на кои ќе се насочи новото раководство на Зоолошката градина во Скопје се ревитализирање на сите надворешни живеалишта, изведба на центар за хипорехабилитација на местото на градскиот пајтон, ставање во функција на мултинаменскиот центар со цел едукација на деца од предшколска и школска возраст како и изградба на детски парк. Зоолошката градина во Скопје во соработка со Град Скопје ќе работи и на поставување на обновливи извори на енергија на сите објекти во зоолошката градина.