Нови киксеви на Сити, Арсенал и Челзи

Фернандињо, Кристал Палас

Манчестер Сити и Арсенал во саботата во 23 коло од англиското фудбалско првенство на домашен терен повторно киксираа играјќи без победник со Кристал Палас односно Шефилд Јунајтед.

Во последниот меч од саботната програма во Премиершип, Челзи потклекна во финишот на гостувањето кај Њукасл. Во четвртата минута од судиското продолжение, во последните минути стрелец на победонесниот погодок за „Свраките“ беше Ајсак Хајден.

Челзи остана четврти со 39 бодови, а Њукасл сега со десет бодови помалку се искачи на 12-то место.

Манчестер Сити, дури и се спаси од срам, бидејќи гостите со голот на Ченк Тосун во 39 миинута имаа водство сѐ до 82 минута, кога погоди Кун Агуеро. Пет минути подоцна Агуеро повторно погоди и се чинеше дека тимот на Пеп Гвардиола сепак ќе ја оствари очекуваната победа, но во 90 минута Фернандињо на запрепастување на целиот стадион ја затресе сопствената мрежа за 2:2.

Манчестер Сити во моментов е втор со 48 бодови, 13 бодови помалку од водечкиот Ливепрул кој има два натпревара помалку, а три бода повече од третиот Лестер кој има дуел помалку. Кристал Палас, пак, сега е деветти со 30 бодови.

Арсенал поведе од преку 18-годишниот Бразилец Габриел Мартинели во последната минута од првото полувремен, но во 83 минута Џон Флек му донесе бод на Шефилд Јунајтед. Арсенал сега е десетти со 29 бодови и е далеку од позициите кои водат во европските купови, а Шефилд Јунајтед се одржува со 33 бодови на седмото место, во борбата за европската пролет.

По четирите победи и едно реми, фидбалерите на Саутемптон беа на добар пат да ја продолжат успешната серија, бидејќи на полувремето водеа со 2:0 со головите на Јан Беднарек во 15 и Шејн Лонг во 35 минута. Но во продолжувањето Вулверхемптон направија пресврт и славеа со 3:2 со головите на Педро Нето со 53, а потоа и двапата на Раул Хименез во 65 минута од пенал и во 76 минута.

Саутемптон остана на 12-ти со 28 бодови, а Вулверхемптон со 34 бодови е на шестото место.

Во дуелот на дното Норич на својот терен го победи Борнмут со 1:0, а стрелец беше Теему Пукки во 33 минута од пенал, две минути откако гостите останаа без исклучениот Стив Кук. Во 76 минута силите на теренот беа израмнети кога кај домашните беше исклучен Бен Годфри.

Ова беше десеттиот пораз на Борнмут во последните 12 првенствени кола, по што клубот не може да се измести од претпоследното 19-то место со 20 бодови, три помалку од местата кои гарантираат опстанок. Норич останува убедливо последен но сега со 17 бодови.

Брајтон со голот на Леонардо Тросард во 38 минута поведе против Астон Вила, за која во 75 минута израмнувачкиот погодок го постигна Џек Грејлиш. Брајтон е 14-ти со 25 бодови, а Астон Вила останува во зоната на испаѓање, 18-та е со 22 бодови.

Со ист резултат 1:1 заврши и дуелот меѓу Вест Хем и Евертон. Домашните поведоа во 40 минута со голот на Иса Диоп а само четири минути подоцна за гостите израмни Доминик Калверт-Левин. Вест Хем се одржа на 16-то место сега со 23 бодови, а Евертон по доаѓањето на Карло Анчелоти сѐ повеќе напредува на табелата и моментално е 11-ти со 29 бодови, веќе неколку кола бега од опасната зона во која се наоѓаше.

Во првиот саботен меч  Тотенхем одиграа без голови на гостувањето кај Вотфорд, а домаќините во 70 минута преку  Трој Дини не реализираа удар од 11 метри. Тотенхем е осми со 31 бод, а Вотфорд е 17-ти со 23 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.