„Нови лист“: Бугарија е нова пречка за македонските евроинтеграции, огледало на реалната состојба во ЕУ

Во текст посветен на европскиот пат на С.Македонија, весникот „Нови лист“, оценува дека сето она што се случува на релација помеѓу ЕУ и нашата земја во изминативе 30 години, ја отсликува реалната состојба во Унијата.

„Нови лист“ потенцира дека Грција со децении решаваше проблем со С. Македонија кој се однесуваше на името, а беше решен со Преспанскиот договор, односно како што вели весникот „Договор за промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија“.

Исто така, се посочува дека по решавањето на овој проблем, нов е оно со Бугарија која ги попречува нашите евроинтеграции во моментов.

„Со потпишувањето на Договорот меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година, се чинеше дека ќе се решат барем некои отворени горливи прашања меѓу двете земји. За жал, на почетокот на ноември оваа година, Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за Република Северна Македонија и нејзината предлог-декларација, бидејќи не ги обезбедуваат потребните гаранции за исполнување на условите што ги бара Бугарија“, наведува „Нови лист“.

Според весникот, Бугарија започна со ултимативни барања, како тоа Северна Македонија „да се откаже од тезата за постоење на етнички Македонци во Бугарија“, потоа „отстранување на одредени македонски историски личности од учебниците затоа што тие наводно биле Бугари“, како и откажување „од употребата на терминологија за „бугарска фашистичка окупација“ на Македонија за време на Втората светска војна“.

„Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева неодамна изјави дека „триесет години по демократските промени, не може од една страна да сакате да бидете членка на европското семејство, а од друга страна да го славите еден од најсуровите диктатори на 20 век – Јосип Броз Тито“. Некои, како што е потпретседателот на бугарскиот Парламент, Веселин Марешки, лидер на десничарска популистичка партија, отиде чекор подалеку. Тој тврди дека Бугарија и Северна Македонија, бидејќи станува збор за еден народ, треба да се обединат, па со тоа „како браќа автоматски да станат европски граѓани“, се вели во текстот на хрватскиот весник.

Исто така, интересно е тоа што според една анкета, дури 83,8 проценти од Бугарите ја поддржуваат блокадата на Северна Македонија, се додека не биде постигнат договор за историјата, односно „додека Северна Македонија не се согласи со барањата на Софија“.

„Без разлика на тоа како ќе се одвива ситуацијата околу Република Северна Македонија, треба да се запомни еден важен факт. Грција и Бугарија се членки на ЕУ, кои при влегувањето во ЕУ ги прифатија основните договори на Унијата, а со тоа и правилата за однесување во согласност со европското законодавство. Затоа, се што се случуваше изминативе триесет години на релација ЕУ-Република Северна Македонија, во исто време е огледало на реалната состојба во Унијата“, вели заклучокот на „Нови лист“.