Нови моменти и пораки на релација Софија – Скопје

Португалскиот предлог за надминување на блокадата од страна на Бугарија за почеток на преговорите за Македонија со Европската придонесе за подигнување на атмосферата меѓу Скопје и Софија преку Брисел, а откако бугарскиот претседател Румен Радев во понеделникот во Брисел разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и со португалскиот премиер Антонио Кошта, за преговарачката рамка за Македонија, ден потоа Софија исрпати нова порака преку шефот на бугарската дипломатија дека мониторинг од страна на ЕУ би претставувало гаранција за Бугарија дека билатералните договори со Македонија ќе бидат имплементирани.

„Втората патека на која се работи е враќање на темата во рамките на нормалните европски формати, каде што би требало да се дискутираат овие прашања треба да се дискутираат меѓу земјите-членки на Европската унија и каде на Бугарија да и се дадат гаранции дека тоа што е билатерално договорено ќе се спроведува во иднина. Овој мониторинг кој би требало да го има од страна на ЕУ е гаранција дека билатералните договори што се потпишани и кои евентуално би биле потпишани ќе бидат имплементирани“, изјави министерот за надворешни работи Светлан Стоев.

Само три дена по посетата на шефот на португалската дипломатија и еврокомесарот за проширување на Бугарија и на Македонија иако Софија во секоја прилика го повторува ставот дека нејзината политика кон соседот останува конзистентна, фокусот во изјавите сѐ повеќе се става на можноста за продлабочување и рестартирање на дијалогот.

Дека дијалог ќе се води покажува и заедничкото патување во Рим на двајцата претседатели Румен Радев и Стево Пендаровски за да се поклонат на гробот на свети Кирил во чест на 24-ти Мај. Неизвесно е дали шефот на макеоднската држава Пендаровски ќе го убеди својот бугарски колега дека иако патот на Македонија оди преку Софија, како што изјави тој, на тој пат рампите треба да бидат кренати.

Во дел од бугарските медиуми неодамна беше објавено дека португалскиот предлог за деблокада на евроинтеграциите на Македонија предвидува изготвување своевиден Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство чие исполнување би се оценувало во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација, а преку тоа индиректно и во преговорите за членство

Бугарскиот претседател Радев изјави во Брисел дека се чека од Македонија да предложи Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство што би бил прикачен кон Преговарачката рамка за Македонија. Изјавата е во контекст на засилениот, како што вели тој, интерес од земји членки на ЕУ за придвижување во пристапниот процес на Македонија уште во втората половина на јуни.

„Чекаме во моментов каков Патоказ ќе предложат од Република Северна Македонија, за кој има амбиција да биде приложен кон Преговарачката рамка. Треба да го споредиме тој Патоказ со барањата усвоени од бугарскиот парламент (н.з. во Декларација од октомври 2019 г.). Се надевам дека разбирате оти ако има разлики, а немаме парламент, ќе биде многу тешко да се оствари напредок. Сепак, исклучително важно е час поскоро да воспоставиме политички дијалог со Република Северна Македонија на највисоко ниво, на работно ниво, на ниво на комисии за да може сите тие теми да бидат придвижени“,изјави Радев во Брисел по вчерашниот состанок на Европскиот совет.

Вели дека очекувањата се насочени кон Бугарија, затоа што се очекува С Македонија да се придвижи по европскиот пат во текот на следниот месец.

„Очекувањата се насочени кон Бугарија, нема да кажам притисок. Се очекува на Европскиот совет, во втората половина на јуни, Македонија да се придвижи по европскиот пат. Јас многу јасно го изразив бугарскиот став. Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на Република Северна Македонија и на Албанија, знаете дека тие се поврзани. Патот до достигнување на таа цел, во најголем дел, поминува низ Софија“, рече Радев.

Во дел од бугарските медиуми неодамна беше објавено дека португалскиот предлог за деблокада на евроинтеграциите на С Македонија предвидува изготвување Патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство чие исполнување би се оценувало во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација, а преку тоа индиректно и во преговорите за членство.

И шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, го дели ставот на Радев дека  патот на земјава поминува низ Софија, но и со порака до Бугарија  мора да ја „грабне“ оваа шанса ако сака стабилен Балкан.

„Имам чувство дека регионот доаѓа до критичка точка, кога се губи довербата дека ќе се зачлени во Европската Унија. Во моментот кога ќе се постигне оваа точка, верувајте дека ќе биде проблем, ќе се отвораат многу теми кои се затворени за европската перспектива, уште од 2003 кога во Солун се носи одлука дека еден ден Балканот ќе се зачлени во ЕУ, тоа стана силно движење за регионот. Затоа  Бугарија Затоа  Бугарија мора да ја „грабне“ оваа шанса ако сака стабилен Балкан“, изјави Османи за ТВ 21.

Но освен политичарите во дебата се вклучија и историчарите кои иако требаше неоптоварени од политиката да ги расчистуваат историските несогласувања меѓу двете земји, потврдуваат дека тоа не оди така лесно.

Откако првиот на македонскиот тим во заедничката историска комисија, Драѓи Ѓоргиев изјави дека политиката влијаела врз работата на неговите бугарски колеги:

„Според вас политичките случувања во Бугарија се одразуваат ли на работата на вашите колеги Бугари во комисијата?“ праша македонскиот копретседавач на Комисијата Драги Ѓоргиев.

На што експресно возврати шефот на бугарскиот тим Ангел Димитров дека дека македонската страна ја прекинала работата на Комисијата пред изборите минатата година.

„Изгубивме скоро една година. Ако бидам подиректен, ќе кажам дека тие загубија три години поради својата неподготвеност да ја прифатат формулацијата, дури и оние формулации во Договорот за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.

Димитров притоа изјави дека бугарсите историчари имале целосно разидување во ставовите со макеоднските колеги и ја губел довербата во нивната професионалност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.