Нови откритија во Помпеја, пронајдени зачувани тела

Археолозите пронајдоа одлично зачувани тела на двајца мажи кои загинаа во вулканска ерупција која го уништи античкиот римски град Помпеја во 79 година од новата ера, објави во саботата италијанското Министерство за култура, пренесe Ројтерс.

Еден човек е, најверојатно, со висок статус, на возраст од 30 до 40 години, а делови од волнено палто се зачувани на него.

Другиот човек е помлад, на возраст од 18 до 23 години и е облечен во туника.

На него е забележано оштетување на ‘рбетот, а неколку пршлени се смачкани.

За него се верува дека бил роб кој морал да работи напорно.

Остатоците се пронајдени во подземна комора во рамките на големата вила Чивита Xулијана, 700 метри северозападно од центарот на Помпеја.

Забите и коските на мажите се добро сочувани, а малтерот беше истурен во шуплините, во кои имаше меко ткиво, што подоцна овозможи појасно да се видат контурите на телото.

Директорот на археолошкиот локалитет во Помпеја, Масимо Осана, рече дека тие починале од термички шок, што може да се види на стегнатите стапала и тупаници.

„Веројатно овие две жртви барале да се извлечат од пирокластичниот бран“, додаде Осана.

Министерот за култура Дарио Франческини изјави дека ова откритие уште еднаш го потенцира статусот на Помпеја како „неверојатно место за истражување и проучување“.

Во моментот на ерупцијата, околу 13 000 луѓе живееле во Помпеја, 23 километри југоисточно од Неапол.

Градот беше целосно уништен од ерупцијата и со време беше замрзнат. Остатоците од градот за првпат беа откриени во 16 век, а организираните ископувања започнаа околу 1750 година. Во последно време, вниманието е насочено кон зачувување на изложените урнатини од распаѓање и колапс, потсетува Ројтерс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.