Нови пикантерии од љубовниот живот на Оланд

Францускиот претседател Франсоа Оланд и актерката Жили Гаје биле во љубовна врска веќе две години што се поклопува со периодот од изборната кампања, пишува таблоидот „Клозе“.

Таблоидот, кој прв почна да пишува за врската на 59-годишниот Оланд и 18 години помладата Гаје, објавил нови фотографии од „двојката“. Оланд за да се гледа тајно со својата љубовница користел изнајмен стан во западниот кварт на Париз.

Двојката, според „Клозе“, поминувала заеднички викенди во јужниот дел на Франција. Според сознанијата на весникот, претседателот на Франција и актерката имале „турбулентна романса“ во изминатите две години- за време и по изборната кампања.

Партнерката на Оланд, Трирвелер, минатата недела била хоспитализирана поради шокот кој што го доживеала откако дознала за аферата на Оланд. Првата дама на Франција  засега сака да го одбрани претседателот од написите во медиумите, па така на информациите дека ниту еднаш не ја посетил во болницата, таа ги известила новинарите и им рекла дека лично нејзините доктори го замолиле Оланд да не ја посетува.

Потоа рекла дека Оланд и’ испратил чоколадо и цвеќе. Трирвелер во изјавата рекла дека и понатаму се чувствува премногу слабо за да може да стои.

Неименуван извор во Елисејската палата рекол дека Оланд е „несреќен“ поради тоа што во болницата му забраниле да ја посети својата партнерка. Оланд на голема прес конференција признал дека поминува низ тежок период во приватниот живот, но одбил повеќе да зборува за аферата. Тој рекол дека пред да замине во САД на 11-ти февруари ќе разјасни дали Трирвелер и понатаму е прва дама на Франција.

Гаје поднела тужба против францускиот таблоид поради кршење на законите за заштита на приватноста и побара од „Клозе“ да и’ исплати отштета од 50.000 евра и да и’ ги платат трошоците од судењето во износ од 4.000 евра. Доколку Гаје победи на суд, магазинот ќе мора на насловната страница да ја објави пресудата. Оланд одлучи да не поднесува тужба против магазинот.