Нови победи на Барса и Реал во Примера

Фудбалерите на Барселона и мадридски Реал остварија победи во своите натпревари од 18-то коло на шпанското првенство во неделата, па Каталонците ја одржа предноста од три бода (44-41) пред „Кралскиот клуб“ на врвот на Примера, додека најблизок до водечката двојка е Реал Сосиедад со 38 бодови со меч повеќе.

На непријатното гостување во Баскија кај Атлетик Билбао, Реал поведе во 24 минута со голот на Карим Бензема, негов деветти сезонава во првенството, а гостите од Мадрид ја потврдија победата во 90 минута, со убавиот погодок на Тони Крос со удар од работ на шеснаесетникот. Атлетик по поразот е осми на табелата со 26 бодови.

Претходно во неделата Барселона на својот „Камп Ноу“ пред 79,814 гледачи со 1:0 го совлада Хетафе, продолжувајќи ја низата без првенствени порази на осум натпревари. Единствениот пораз сезонава во Примера, Барса го доживеа во октомври во „Ел Класико“ од Реал Мадрид со 1:3., а потоа врза седум победи и едно реми.

Во неделата малку недостасуваше гостите уште во 3 минута можеа да го шокираат „Камп Ноу“. Борха Мајорал го совлада Марк Андред тер Штеген, но голот беше поништен поради офсајд позиција.

Барселона првпат се закани во 7 минута, шутираше Усман Дембеле но Давид Сорија беше на место. Во 31 минута опасно шутираше Гави но Сорија уште еднаш беше подготвен. Во 35 минута Барса сепак поведе, со убавиот гол на Педри. Гостите можеа да израмнат во 41 минута, но Тер Штеген овојпат го одбрани ударот на Борха Мајорал.

Во вториот дел Дембеле повторно имаше шанса, но шутираше крај голот на гостите. Во 85 минута Франк Кеси можеше да ги тргне сите дилеми околу победникот, но Сорија уште еднаш излезе како победник во дуелите со домашните напаѓачи.

Хетафе во моментов е 16-ти на табелата со 17 бодови, и е во групата екипи до претпоследното 19-то место кои имаат ист број бодови или еден помалку и ќе се борат за опстанок. На последното место убедливо е Елче со само шест бодови и без ниедна победа во досегашниот тек на првенството.

Елче во неделата на домашен терен не успеа повторно да ја впише првата победа, и одигра само 1:1 со Осасуна, која сега е седма со 28 бодови. Гостите поведоа во 20 минута преку Езегиел Авиља, а за домашните израмни Хозе Анхел Кармона во 67 минута.

Претходно во неделата Вилјареал со реализираниот пенал на Дани Парехо, длабоко во судиското продолжение на натпреварот, или вкупно во 111 минута, ја совлада Жирона. Гостите од 78 минута играа со играч помалку, по исклучувањето на Сантијаго Буено.

Вилјареал, така, успеа да ја задржи петтата позиција на табелата со 31 бод, израмнувајќи се со четвриот Реал Мадрид, а три бода повеќе од шестиот Реал Бетис. Жирона моментално е 11-та со 21 бод.