Нови поединости за аферата „Братски рекет“ на Заеви

Ако братот на премиерот не е заинтересиран и никогаш не сакал да го купи атрактивното земјиште на скопскиот бизнисмен Киро Тошевски, тогаш зошто премиерот Зоран Заев би го убедувал преку пораки Тошевски дека ќе му “нареди на Вице“ да се тргне од него?

Ова се дел од коментарите на јавноста по вчерашниот прилог на Алфа, со кој ја отворивме серијата сведоштва на Тошевски, во кои тој тврди дека гореспоменатите личности директно и индиректно го манипулирале за да му го земат имотот и објектот голем 12.700 метри квадратни, меѓу хотелот „Хилтон“ и факултетот ФОН.

Сфатив дека ѓаволот ја однел шегата, му сигнализирав на премиерот, му велам ‘премиере не е тоа што беше договорено’. Само добив одговор „уживај никој не може да ти земе тоа што е твое.“ Вице се обиде преку таа моќ што ја чувствува од премиерот да ми каже на некој начин „мене мораш да ми го продадеш тоа за цена јас што ќе ти ја кажам“, вели Тошевски.

Братот на премиерот вчера за Алфа ги демантираше сите тврдења на Тошевски. Рече дека одвај го познава а дека за неговиот имот ниту бил заинтересиран, ниту пак знае нешто. Но, според Тошевски сето ова паѓа во вода, кога доаѓа следниот, како што тој го нарекува посредник меѓу Заеви и него.

Третиот посредник, Азманов. Истата приказна, истиот настап. Азманов веќе ги отвара картите со мене. Ми кажува конкретно дека позади овој проект стои болница, СДСМ-овска болница, „да се правиме будали, знаеш дека позади ова стои Вице, а ти затоа што со попуштил во цената ќе бидеш до века лекуван кај нас“. Потоа веќе преземаат докторите, едниот е гинеколог – тој е директен актер или спотер меѓу Заев и Азманов, но и еден од круцијалните играчи за да успее овој проект – Марјан Стојовски. А другиот доктор е Влатко Цветановски, раскажува Тошевски.

Како доказ за тоа ги приложува пораките на кои, според Тошевски, се гледа дека премиерот Заев му посакува среќа кој овој го известува оти се договориле Азманов да го купи имотот за сума од 3.700.000. Тогаш се случува главниот расплет на нештата. Тошевски обвинува дека му биле нудени позајмици, а потоа и компензации за станови од Азманов. За на крајот да, како што вели Тошевски, го извести дека не е заинтересиран за купување. Тошевски не го обвинува Азманов, туку го смета за извршител.

Во преддоговорите кои службите на Азманов ги изготвија, стоеја само три стана за компензација. За едно десеттина дена вели најди сега 5 купци да не бидат само на фирмата твоја, да бидат физички лица, сигурни луѓе твои, вели ќе ти пуштам 900 000 евра позајмица. Потоа отидовме на нотар да направиме договор дека сега наводно ми дава позајмица, со цврсто убедување дека истите пари ќе ги пишеме само фиктивно, ми вели Азманов, 2 проценти годишна камата. Всушност тука е измамата. Ми вели „но и тие нема да ти ги пресметам, од причина што до март месец се ќе направам папиролошки да биде чисто како што бевме договорени 3 700 000 евра“. Азманов бил притиснат од некој, мислам дека од власта, објаснува Тошевски.

Градежниот бизнисмен за Алфа демантира дека тој, односно неговата „Настел“ има било каква врска со наводни планови на Заеви. Вели нема намера да исплаќа пари за објект што никогаш не го купил. Правните формалности во оваа ситуација се на страната на Азманов, оти има склучено договор за позајмица со Тошевски, а под хипотека е ставен имотот. На сметката на Тошевски со компензацијата легнуваат 1 800 000 евра. А во договорот стои клаузула дека ако не ги врати парите останува без имотот.

Поради разните лаги и измами што се обидуваше да ги направи Киро Тошевски, како и лажни пријави, клевети преку некои медиуми со кои го наруши мојот кредибилитет, нема да има ниту ден толеранција. Затоа подобро да си собере пари и да ја врати позајмицата, во спротивно земјата ќе оди на продажба. А кој ќе ја купи заедно со извршителските трошоци тоа не го знам. Секој кој е заинтересиран може да се јави на лицитација и е добредојден, вели Зоран Азманов, сопственик на „Настел“.

Тошевски поднесува неколку кривични пријави, за лихварство, за измама, и против „Настел“ и против докторите. Азманов пак тврди дека Тошевски му се заканувал користејќи партиски врски.

-Значи во тие закани, дека ќе ми ставеле времена мерка на хипотеките од страна на институцијата Обвинителство, беше во насока „или ќе ми доплатиш уште 1 900 000 евра или ќе останеш без ништо, бидејќи ќе ти ја поништиме хипотеката ќе не можеш да си наплатиш преку банката, а во колку платиш уште толку, ќе го добиеш објектот и земјиштето преку БАНА ДОЕЛ“, објаснува Азманов.

Споменатите доктори не беа достапни за Алфа. Стојовски испрати порака дека нема да биде во можност да ни одговори на прашањата. Цветановски пак, воопшто не се ни одзва.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.