Нови проблеми за Facebook по протекувањето на интерен допис

305

Најголемата социјална мрежа Facebook во петокот ја снајдоа нови проблеми откако во јавноста протече интерен допис на еден од извршните директори во кој се заговара френетичен раст на компанијата, па дури и на штета на своите корисници.

Авторот на дописот, кој е датиран од 2016 година, Ендрју Босворт на своите колеги им ја проследил својата оцена во којашто вели: „Ние ги поврзуваме луѓето. Точка. Затоа сето она што го правиме за да го поттикнеме растот е оправдано“.

Тој потоа малку го ублажува својот став, велејќи дека „тажна е реалноста што толку веруваме во зближувањето на луѓето, што сето она што го правиме за да ги поврзаме што поголем број лица ни се чини добро“.

Признава, исто така, дека ефектите од поврзување на луѓето може да бидат лоши дококу корисниците ги направат негативни. „Можно е тоа некого да го чини живот, доколку лицето е изложено на насилници“, напишал Босворт.

Во дописот се предупредува дека „исто така е можно некој да загине во терористички напад кој е координиран преку нашата мрежа“.

Сопственикот и главен директор на Facebook, Марк Цукерберг, вели дека силно негодува против тој допис, но својот соработник Босворт, чијшто прекар е „Боз“, го нарекува талентиран лидер кој знае да искаже провокативни работи.

„Меѓутоа, ние никогаш не верувавме дека целта го оправдува средството. Поврзувањето на луѓето самото посебе не е доволно. Мораме да работиме на нивното зближување“, рече Цукерберг.

Двајца поранешни службеници на Facebook изјавиле дека Босворт во компанијата е познат по тоа што е „нетактичен“. Исто така, познат е и по тоа што жестоко ја бранеше слободата на изразување на мрежата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.