На Волстрит индексот S&P 500 достигна ново рекордно високо ниво во средата, како и индексот Nasdaq, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на технолошките компании. Така, индексот Dow Jones загуби 0,06 отсто, на 39.308 поени, додека S&P 500 порасна за 0,51 отсто, на 5.537 поени, а Nasdaq индексот за 0,88 отсто, на 18.188 поени.
И вчера, како и претходните денови, најмногу поскапеа акциите во технолошкиот сектор. На пример, цената на „Nvidia“ скокна за повеќе од 4 отсто, а значително пораснаа и цените на другите производители на чипови. Акциите на „Tesla“ пораснаа за дополнителни 5 отсто, откако претходниот ден скокнаа за повеќе од 10 отсто, бидејќи производителот на електрични возила објави помал од очекуваниот пад на испораките во вториот квартал.
Инвеститорите беа охрабрени од послабите од очекуваните податоци од американскиот пазар на труд, бидејќи слабеењето на овој пазар може да доведе до помал притисок врз растот на платите и потрошувачката. А тоа, пак, би довело до слабеење на инфлаторните притисоци, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки.
Благодарение на ова, вчера зајакнаа шпекулациите дека Fed ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.
Инаку, вчера се тргуваше скратено време пред Денот на независноста во четврток кога не се работи во САД. Во петок, пак, ќе биде објавен извештајот за вработување во САД, кој обично има значително влијание врз насоката на пазарот.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,61 отсто, на 8.171 поен, додека франкфуртски DAX порасна за 1,16 отсто, на 18.374 поени, а париски CAC 1,24 отсто, на 7.632 поени.