Нови рестрикции во Москва оти за 24 часа има над 20 илјади новозаразени во цела Русија

Во Москва, каде што во последните 24 часа се потврдени 6 723 нови случаи на инфекција со коронавирус, а 114 починаа, од денеска ќе стапат на сила нови епидемиолошки мерки.

Само вакцинираните лица и оние кои прележале, како и лицата со негативен тест, ќеможат да влезат во московските ресторани, кафулиња и барови.

Градските власти воведоа и ограничувања за повеќето болнички услуги, така што тие ќе можат да ги користат целосно вакцинирани и граѓани кои имаат тестови за антитела.

Бројот на заразени лица сè уште расте во Русија, така што во последните 24 часа се регистрирани 20 583 нови случаи, додека починале 599 лица, објави рускиот оперативен штаб.

Планот за вакцинирање на 30 милиони граѓани до средината на јуни не е исполнет. Регионалните власти низ Русија ги обврзуваат вработените да се вакцинираат, а потврдата за вакцинација е неопходна за влез во ресторани и други јавни места.

Здравствените власти, причината за зголемувањето на новите инфекции ја гледаат во непочитувањето на санитарните мерки на граѓаните и распространетоста на нови видови на вирусот, но пред се во малиот процент на вакцинирани.

Само 20,7 милиони луѓе или 14 проценти од 146 милиони луѓе во Русија примиле барем една доза, а само 16,7 милиони или околу 11 проценти се целосно вакцинирани.

Московските власти соопштија дека компаниите не треба да им исплаќаат плати на вработените кои не сакаат да бидат вакцинирани и дека треба да бидат предупредени привремено да ги затворат компаниите кои не ја исполнуваат целта 60 проценти од работниците да се вакцинирани барем со една доза до 15 јули, а со двете до 15 август.