Нови шест случаи на заболени со морбили

Во текот на вчерашниот ден се регистрирани шест нови случаи на морбили, информираат од Министерството за здравство.

На клиниката за инфективни болести е хоспитализирано едномесечно бебе со Даунов синдром од Куманово, кое е со потешка клиничка слика и претходно било лекувано на Клиниката за детски болести. Инаку, на клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани 20 пациенти со ова заболување.

Амбулантски се прегледани пет пациенти со симптоми на морбили, од кои едно 6-годишно дете од скопското село Љуботен, кое е вакцинирано со една доза, како и 4 возрасни пациенти (двајца од Скопје, и по еден од Дебар и од Куманово), кои се пуштени на домашно лекување.

Според податоци од пунктовите за имунизација, од почетокот на епидемијата се вакцинирани вкупно 5.107 деца.