Нови сомнителни вработувања со вртоглави плати во Агенцијата за воздухопловство

Во новиот оглас се нуди работно место за  раководител на одделението за пловидбеност, со плата од 117 илјади денари, потоа на виш соработник со плата од 45.600 денари, а за местото советник е предвидена плата од 48 илјади денари.

Бранот на вработувањата што трае веќе неколку години наназад во јавната администрација, не стивнува. Иако административните работници, според некои проценки, бројат над 100.000, по што Македонија во континуитет е меѓу првите во споредба со соседните земји, и пошироко, течат интензивно нови и нови огласи. Се нудат работни места во државни институции од секој вид и речиси нема ден да не се објави повик за вработување во некое министерство, локална самоуправа, агенција, установа…понекогаш се бараат неколку лица, а има и случаи за вработување на по неколку десетици лица.

Тоа е така и покрај постојаните препораки на ЕУ за длабоки реформи во државниот апарат со цел тој да се професионализира. И покрај разните мерки, стратегии, акциски планови и програми на Владата, и покрај изјавите на владините министри дека тукушто не почнале со намалувањето на бројниот државен апарат, со чистки во администрацијата, со префрлање на вработените во приватниот бизнис (?) и слично… Во практика, нема ништо конкретно на тој план. Напротив, се случува спротивното. Се полни јавниот сектор и во него се вдомуваат блиски и подалечни членови на семејства, пријатели, партиски кадри…

Само во текот на јули годинава повеќе државни институции ги отворија вратите за упте нови државни службеници. Се објавија повеќе огласи за вработување, голем дел од нив со мошне солидни висини на плати, барем за македонски прилики.

Од нив, секако, може да се издвои оној во владината Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) објавен на 27 јули, а кој треба да заврши на 10 август.

Се нуди работно место за  раководител на одделението за пловидбеност, со плата од 117.000 денари, потоа на виш соработник со плата од 45.600 денари, а за местото советник е предвидена плата од 48.000 денари.

Инаку, за вработените во АЦВ отсекогаш е карактеристично дека земаат меѓу поголемите, ако не и најголеми плати во земјава. Во јавноста се познати повеќе скандалозни вработувања во оваа Агенција, а бројката на нововработени кои се во блиски релации со министри, директори и актуелни политички лица постојано расте. А, прашањето за вработувањата не е проблематично само од аспект на непотизам. Посуштинското е колку се обезбедува соодветен кадар во институција во која грешките се плаќаат со човечки животи.

А, кои се лицата кои треба да седнат на фотелјите во Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба ?

„Огласите се наместени. Објавени се три атрактивни огласи за работни места за кои однапред се знаат имињата на тие кои ќе бидат примени. На првиот оглас, Советник за стандарди и регулатива со почетна плата од 48.000 денари ќе биде примена ќерката на екс директорот на Агенцијата Зоран Крстевски, Емилија Крстевска. Крстевска е примена договорно во Агенцијата уште од времето кога директор на Агенцијата беше Горан Јандревски, пријател на Зоран Крстевски“, , вели извор на „Нетпрес“.

Се додава дека, на огласот за Виш соработник за опасни материи со почетна плата од 45.600 денари ќе биде вработена Блеринда Хамиди, ќерка на довчерашен осум годишен член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба, Фарудин Фарко Хамиди, која има архитектонски факултет.

„Блеринда, исто како и Емилија Крстевска, е примена договорно во Агенцијата уште од времето кога татко и Фарудин Фарко беше член на Управниот одбор на Агенцијата. Пред само неколку месеци Фарко си ја вработи и другата ќерка во ЕЛЕМ.

На местото Раководител на одделение за пловидбеност со почетна плата од 117.600 денари ќе биде примен Александар Мојсовски. Тој беше 4-годишен член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба и по договор ја обавуваше истата позиција за која сега редовно се ангажира.

Александар за 2 месеца ќе полни 64 години и по редот на нештата требаше да си замине во пензија“, вели нашиот извор.

Обидите на „Нетпрес“ да стапи во контакт со надлежните во АЦВ, со цел да ја потврдат или негираат информацијата на нашиот извор, останаа безуспешни. Никој оттаму не одговора на телефонски повици.

Инаку, во Програмата за работа на Владата (2017‐2020), како еден од главните стратешки приоритети кој се однесува на јавната администрација, стои: „Владата на Република Македонија ќе работи на создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис‐секторот и ќе ги заштити нивните права. Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата ќе создаде администрација која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти.