Нови судири меѓу полицијата и демонстранстите во Барселона

Втора вечер по ред во Барселона синоќа дојде до насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, а во Шпанија е покрената истрага за група активисти кои ги организираа протестите поради пресудите за лидерите на каталонските сепаратисти.

Илјадници демонстранти во близина на канцелариите на шпанската Влада во четири каталонски провинции фрлаа петарди и други предмети врз полицијата и ги шутираа привремените огради меѓу владините згради.

Во Барселона демонстрантите ја пееле каталонската химна и извикувале „Улиците секогаш ќе бидат наши“ и „Независност“, а шпанската полиција ја нарекле „окупациски сили“ и барале да си замине од Каталонија.

Учесниците во протестот направиле импровизирани барикади со контејнери за смет, огради и картони кои ги палеле.

Мал број полицајци за сузбивање нереди со штитови влегле меѓу демонстрантите и ги удирале со палки.

Повеќето протести во повеќе каталонски градови се одржаа по повик преку Интернет од страна на Цунами демократи, либерална група без лидер која користи шифрирани апликации за размена на пораки со кои повикува на мирна непослушност.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка изјави дека властите спроведуваат истрага против групата.

Стотици патници и денеска останаа на аеродромот Прат во Барселона, откако вчера се откажаа уште 45 летови поради протестите на каталонските сепаратисти.

Вториот најголем аеродром во земјата е главен центар на протестите, каде се собираат илјадници демонстранти.

Најмалку 170 лица, меѓу кои и 40 полицајци, се повредени во судирите меѓу учесниците во протестите и единиците за сузбивање демонстрации кај меѓународниот аеродром во Барселона и во други места во Каталонија.

Уапсени се три лица.

Судирите избувнаа во понеделникот откако шпанскиот Врховен суд осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор заради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година.

Тројца други обвинети се прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни, пренесоа британските медиуми.

Поранешниот претседател на каталонската Влада Ориол Џонкуерас е осуден на 13 години затвор заради бунт и злоупотреба на јавните фондови, наведуваат американските медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.