Нови вработувања за спроведување на Законот за јазиците

Координативното тело составено од министри, пратеници и други функционери од ДУИ ќе и предложи на Владата план кој детално ќе предвидува кои институции како ќе го спроведуваат Законот за јазиците, а Владата ќе ги следи на на неделна основа.

Оваа обврска на државата наметнува дополнителни трошоци и нови вработувања, вели министерот Бујар Османи, пренесува Телма.

Сосема спротивно, пред два дена Владата тврдеше дека имплементацијата на законот нема да наметне потреба од нови вработувања. Но, наредниот месец ќе биде организирана Донаторска конференција. Се очекува помош во финансиски средства, во техника за преведување и обука од земји кои имаат искуство во билингвалност и мултилингвалност, рече Османи. За него и за пратеникот Артан Груби, нема сомневање дека Законот е целосно во согласност со уставот.

ВМРО ДПМНЕ најави дека во понеделник ќе го оспори законот пред Уставниот суд, а професорот Јове Кекеновски веќе го стори тоа. Поднесоа и кривични пријави за спикерот Талат Џафери, заменик секретарот Ибраими и директорот на Службен весник Костовски, обвинувајќи ги за неуставно објавување на законот.

СДСМ го обвини претседателот Иванов за кршење на Уставот со непотпишување на Законот, но за кривична пријава против него, велат, не е вредно да се размислува.

Законот беше објавен во Службен весник пред 5 дена, откако 10 месеци го чекаше потписот на претседателот Ѓорѓе Иванов. Излезе со фуснота наместо потпис и со објаснување дека тој одбива да потпише.