Нови законски измени со кои се намалува прагот на алармирање за аерозагадувањето

Министерството за животна средина до Собранието достави измени на Законот за управување на  квалитетот на амбиенталниот воздух, со кој се предвидува препораките за време на високо ниво на концентрациите во воздухот, да се преточат во институцинална обврска.

„Правиме законски измени со кои ги намалуваме праговите за алармирање за аерозагадувањето и прогласување на мерките што ќе бидат обврзувачки за општините и за државата. Им даваме можност на општините без дозвола од Министерството за животна средина да ги реализираат краткорочните мерки за аерозагадувањето. Го воведуваме и принципот на локализација, а тоа значи дека во деловите каде има високи концентрации на штетни честички да се активираат построги мерки против аерозагадувањето. Исто така, го насочуваме граѓаните да купуваат возила со помали мотори, бидејќи со користење на помалку гориво ќе се емитуваат и помалку загадувачки супстанци. Ќе им помогнеме на оние што сакаат да градат фотоволтаици и да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите. Исто така, треба да ги стимулираме луѓето да пешачат и место автомобили, да користат алтернативни превозни средства – напомена Петровска.

Петровска кажа и дека годинава Министерството конечно по 15 години добило буџет за акредитација на централната  лабораторија, која иако постои со децении нема акредитација да работи. Со оваа лабораторија треба да се лоцираат сите загадувачи, и ќе биде дел од Државниот инспекторат за животна средина. На дебатата за загадувањето во Скопје, зборуваше и градоначалникот на Карпош Богоев кој рече дека општината ги лоцирала загадувачите, но не може да влегува по  домовите на граѓаните за да види на што се греат. Богоев очекува работите на овој план драстично да се промени со воведување на  комуналните полицајци.

„Има процедура со која може заедно со полиција со налог да се влезе. Меѓутоа една од промените е Закон кој е на ниво на дискусија за комунална полиција, којшто го предводи градот Скопје, така што верувам и дека преку тој Закон кога еден ден ќе се усвои ќе може поголеми ингиренции да имаат инспекторите на општините и на градот Скопје“, рече Стефан Богоев, градоначалник на Карпош.

Од Министерството за животна средина очекуваат предложените измени да бидат усвоени пред распуштање на Собранието, за сите препораки кои веќе ги испратиле кога загаденоста беше над лимитот, да бидат обврзувачки за општините, Владата и приватниот сектор.